Обвинетите Јане Ченто и Игор Југ на почетокот на денешното рочиште за случувањата во Собранието на 27 април минатата година пред судот кажаа дека нема да поднесат барање за амнестија и дека остануваат до крај пред судот.
– Со оглед дека овој предмет е тежок и предизвик и за вас како судии и за нас како обвинети, морам да му кажам на судот да има предвид дека покрај законот донесен од политичките елити, јас Јане Ченто сакам Вие, а не политичките елити да ме судат – изјави Ченто.
Посочи дека сите, а најмногу јавноста сакаат да се дознае вистината за 27 април.
– Точно е дека сме влегле во Собранието, но секој мора да сноси одговорност за тоа што го сторил внатре. Никој не може да не помилува. Имам целосна доверба во Вас и вашата одлука што ќе ја донесете. Време е да покажеме дека имаме правна држава. Јас нема да поднесам барање за амнестија. Останувам до крај и вие судете ми – изјави Ченто.
Обвинетиот Игор Југ, исто така побара збор и кажа дека целосно го поддржува излагањето на Јане Ченто и се приклучува на тоа.
– Ниту јас нема да поднесам барање за амнестија и правдата ќе ја докажувам пред вас. Не го признавам селективниот закон за амнестија и нема да дозволам да бидам ничија монета за поткусурување – рече Југ.
Судијката Добрила Кацарска рече дека не знаеле за што бараат збор обвинетите, но откако веќе се однесува на Законот за амнестија, рече дека советот во оваа фаза не одлучува ништо за тој закон.
– Законот не е надлежност на овој советот. Се знае кој ќе одлучува по барањата на обвинетите согласно законот за амнестија – рече Кацарска.