Поранешната специјална обвинителка, Катица Јанева, денеска во судот даваше исказ, со што заврши доказната постапка за предметот „Рекет“.
Таа нагласи дека никогаш не му понудила привилегии на Орце Камчев за случајот „Империја“ и дека дека најодговорно тврди оти не примила пари.
– Ако судот ги прибавеше доказите за „Империја“, ќе видеше дека никогаш не му била понудена никаква привилегија или својство на заштитен сведок. Тој самиот доаѓаше во СЈО и бараше да соработува – изјави Јанева.
Поранашната обвинителка пред судот кажа дека е невина и дека треба да биде ослободена.
Во врска со односот со обвинетиот Бојан Јовановски, Јанева рече дека двајцата разговарале за гостување во емисиите на 1ТВ, но развиле пријателство. Потоа станало збор и за други теми, но не и за работењето на Специјалното јавно обвинителство.
– Разговаравме за модата, а зборувавме и за љубовта. Тој ме прашуваше што ќе носам во емисиите, но знаеше и да ме критикува за гардеробата – изјави Јанева.
Јанева одговори и за гарнитурата во куќата која и се става во товар, а за време на постапката беше запленета од страна на МВР.
Јанева во таа насока кажа дека гарнитурата и ја предложил Јовановски, меѓутоа таа ја исплатила и за тоа има каса-прими.
– Во една прилика со Бојан разговаравме за мебел и за гарнитури. Тој рече дека имал компензации со некои фирми, па ми ја даде гарнитурата, а јас ја исплатив – рече Јанева.
Судењето за случајот Рекет продолжува на 19 и 20 мај кога завршни зборови ќе даваат обвинителството и одбраната.