Обвинетиот Миле Јанакиески од десетина листови чита и образложува зошто предметот „ТНТ“ не може да го води обвинителот Бурим Рустеми, какви докази ќе поднесе во текот на постапката, како и дека ќе ја докаже неговата невиност. Додека, како што рече „поставува правни прашања”, Јанакиески ја стави раката во џеб, а судијата Огнен Ставрев го опомена.
– Миле ќе ве молам раката – рече Ставрев, по што Јанакиески ја извади раката и се извини.
Јанакиески одново го убедуваше судечкиот совет дека преку докази ќе докаже дека обвинителниот акт не е базиран на факти и аргументи. Тој, како и неговите адвокати Димитар Дангов и Еленко Миланов бараше предметот да се одземе од Бурим Рустеми и да се даде на друг обвинител, бидејќи, тој е обвинител од ОЈО и не може да го води предметот.
– Ќе презентираме голем број на докази и факти со кои ќе докажеме дека обвинителниот акт не е базиран на факти и аргументи. Предметот „ТНТ“ е преземен од ОЈО во СЈО со цел „бомбите“ и СМС-пораките да се користат од единственото надлежно обвинителство. Јавниот обвинител од јавното обвинителство нема надлежност над овој предмет. Во однос на ова, заедно со одбраната со повеќе докази побаравме од ОЈО да ни ги дадат фамзоните дописи од Катица Јанева и не ни ги достави, а ги добивме од судот. Доколку Јовески не ги даде дописите, автоматски дозволува предметите да паднат пред повисоките судови. Ќе докажеме дека СМС-пораките и аудио-фајловите не се автентични, што е дополнителна причина зошто не можат да се користат во постапката – посочи Јанакиески.
Тој додаде дека нема потпишано ниту еден документ за рушење на објектот „Космос”. Посочи дека во текот на повторното судење ќе докаже дека немал никакви надлежности во однос на објектот во делот на носење решение за отстранување на дивоизграден објект, а ќе покаже како се применуваат правилници за конкретен план.
– Ќе докажам дека сум немал цел да му се одмаздам на оштетениот Фијат Цаноски за негова политичка одлука, кој како претседател на политичка партија ПЕИ ја напуштил коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ и склучил коалиција со СДСМ. Ова заедно со моите бранители ќе го докажеме преку презентација на еден од клучните докази, а тоа е пресудата на Уставниот суд, каде преку истата овој суд веќе има одлучувано по барање на заштита на слободите и правата по член од Уставот. Јас не сум имал учество во склучување на коалицијата меѓу ПЕИ и ВМРО-ДПМНЕ, ниту пак во одлуката да ја напушти. Немам потпишано ниту едно ливче во постапката за рушење на „Космос“ од почетокот до крајот – рече Јанакиески.