Обвинетиот Миле Јанакиески во случајот ТНТ побара да не се раздвојува постапката и да продолжи судењето за него, Никола Груевски и Елизабета Најдовска.
Тој смета дека на ваков начин нема да се дознае вистината. На обвинителот Рустеми му порача дека ако Обвинителството сака да му ја скине главата, односно само тој да одговара, тогаш да го направи тоа.
– Целта на едно судење е да се дознае вистината. Јас немам отсуствувано на ниту едно рочиште. Ако Обвинителството смета дека треба само јас да одговорам за овој предмет, тогаш нека се одвои постапката. Дајте му простор на адвокатот на Тони Трајковски да му се јави и да зборува дали тој ќе може да дојде и да вети дека ќе дојде на утршното рочиште. Јас не знам дали поротникот има мандат или не. Ако Тони се издвои од овој настан нема да се дознае вистината. Јас имам многу прашања за Тони. Ако Обвинителството има цел да му ја скине главата на Миле Јанакиевски, повелете – рече Јанакиески.
Адвокатите го спореа предлогот на обвинителот Бурим Рустеми кој го побара раздвојувањето, а истовремено, пречка да продолжи судењето, според нив е и возраста на судијката поротничка која треба да биде пензионирана.
– Од утре ќе поднесувам поднесоци за сите прекршувања, па да видиме кој го знае законот, а кој не. Кој опструира и зошто се одложува – рече адвоктот Дончо Наков по што Рустеми праша „Ова како закана да го сфатиме или?“, а Наков повторно одговори „Не, како ветување”.