Кај 40-годишен штипјанец пронајдени се 77 килограми марихуана и одредена му е мерка притвор во траење од 30 дена.
Портпаролката на СВР – Штип, Гордана Панајотова денеска на прес-конференција истакна дека марихуаната е пронајдена кај Б.С. кој пред два дена со велосипед се движел по регионалниот пат Штип-Плачковица, кај селото Стар Караорман. Тој не застанал на наредбата на полициските службеници, по што откако е фатен, кај него пронајдени се две најлонски ќеси со марихуана со тежина од околу три килограми и осум рачно изработени цигари, џоинт.
– Вчера на 2 ноември извршен е претрес, реализиран по судска наредба, во домот и помошните простории на улицата „Сремски фронт“ во Штип, каде што живее лицето Б.С, при што пронајдени се повеќе најлонски вреќи со наркотична дрога марихуана, со севкупна тежина од 74 килограми и други предмети, појасни Панајтова.
Против него е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет накротични дроги, психотропни супстанци и прекусори“.