Со испрашување на сведокот Мирослав Шиповиќ по паузата продолжи судењето за  „Насилство во Центар“.

На прашања од обвинителката на СЈО Фатиме Фетаи, сведокот рече дека во 2013 година бил претседател на Советот на општина Центар и закажал седница на 7 јуни. 

– Седницата почна на закажаниот термин со сите присутни советници и медиуми. Пред донесување на дневниот ред во дворот се собра група луѓе и правеа врева. Илија Димовски побара од мене да ја одложам зошто нема услови. Со гласање Советот одлучи да продолжиме. Јас од медиумите разбрав дека некое граѓанско здружение организира протест бидејќи општината планира да урива црква што е во изградба. Поради вревата имавме чести прекини на седницата, рече Шиповиќ.
 
Тој додаде дека забележал како четворица советници од ВМРО-ДПМНЕ Сашо Трпевски, Томе Лазаров, Даниела Рангелова и Јоцо, за кој не можеше да се сети како му е презимето, цело време биле со телефоните.
 
– Советниците од ВМРО-ДПМНЕ цело време се обидуваа да се одложи седницата. Демонстрантите веројатно разбраа дека од таа страна каде што тропаат се советниците од ВМРО-ДПМНЕ. Полицијата направи кордон да излеземе и беше на прозорите, но демонстрантите сепак ги отворија прозорците и ги навредуваа советниците, рече Шиповиќ.
 
Во сведочењето тој кажа дека бил до канцеларијата на градоначалникот, каде се наоѓал и командир од полициската станица БЕКО. Рече дека сакале да излезат да им се обратат на демонстрантите и го прашале командирот дали е безбедно, на што тој им кажал дека е безбедно. Еден од колегите, како што рече Шиповиќ, се понудил прво тој да оди да се обрати, но се вратил „распартален“ па се откажале.
 
– Подоцна во текот на денот јас повторно излегов со уште неколку колеги и сите се пуштија накај мене, но еден од групата ги запре и рече чекајте да слушнеме што има да каже. Имаше и изјава од владиката Агатангел што мене лично ме навреди, иако сум атеист. Ја одложив седницата за 10 јуни, рече Шиповиќ.
 
Иако, како што додаде, на следната седница биле повнимателни групата демонстранти била побројна и насилна.
 
– Почнавме и повторно советниците од ВМРО-ДПМНЕ со процедурални работи се обидуваа да ја одложат седницата. Сфативме дека проблем им се точките за буџетот и поништувањето на деталните урбанистички планови. Почнавме да работиме и ги поминавме до точка 6, што беше за буџетот. Имаше 150 амандмани и одлучивме да ја прескокнеме таа точка и дојдовме до точката за ДУП и тогаш се зголеми притисокот од демонстрантите. Сите прозорци беа искршени и внатре беше како во воена зона, фрлени патлиџани, компири и шишиња. Се случи и кршење на оградата, а полицијата тука беше и гледаше. Потоа многу демонстранти скокнаа и влегоа во општината и викаа антихристијани и фашисти. Тогаш се појавија припадници на ЕБР кои ги потиснаа демонстрантите надвор од дворот. Многу индикативно беше тоа што кога јас ќе кажев почнуваме со работа, почнуваа со удари и фрлање со предмет, а кога ќе дадев пауза веднаш престануваа, кажа Шиповиќ.
 
Тој рече дека имало повредена советничка во пределот на окото.
 
– Гнев и безпомошност. Гнев зошто иако добивме мандат од граѓаните за својата програма не можевме да ја спроведеме, а безпомошност зошто ние сме тело под заштита на полицијата, рече Шиповиќ.
 
Тој во судницата ги препозна обвинетите Александар Трајковски и Даниел Петуновски.
 
На вкрстено прашање од одбраната, Шиповиќ рече дека имало барање од демонстрантите да присуствуваат на седницата. Но, како што додаде, поради нивната бројност тој им рекол дека може, но само 15-тина лица кои сакаат да одберат, ама тие тој предлог го одбиле.
 
На прашање дали тој во настаните бил повреден, Шиповиќ рече дека лично физички не бил повреден.