Во текот на минатата година беа регистрирани 38 кривични дела „силување“, за кои се пријавени 40 сторители, како и 40 жртви, додека за периодот од јануари до март 2021 година се регистрирани седум кривични дела, за кои се пријавени пет сторители и осум жртви, велат од Министерството за внатрешни работи

КРАТОК ОСВРТ НА ФАКТИ И ЗАБЛУДИ ЗА КРИВИЧНОТО ДЕЛО „СИЛУВАЊЕ“

Силувањето, покрај убиството, е едно од најбруталните криминални дела што може да ги направи еден човек. За жал, таквите дела воопшто не се ретки во земјава ниту во светот. Светската криминалистичка наука анализирала голем број случаи на силување за да одговори на најчестите дилеми и факти за силувањето. Но, без дилема, силувањето е насилство и тешко кривично дело од најгрозен вид, а криминалистичката практика покажува дека тоа се извршува и врз жени, деца и мажи, или пак стари, болни и снеможени лица.

КОИ ФАКТИ И ЗАБЛУДИ ГИ КОНСТАТИРАЛЕ КРИМИНОЛОЗИТЕ ЗА СИЛУВАЊЕТО

Светската наука што се занимава со оваа проблематика има објавено голем број истражувања и психолошки анализи на оние што го извршуваат ова криминално дело.
Заблуда е дека силувањето се случува поради неконтролиран сексуален нагон на силувачот. Вистината е дека силувањето е чин на насилство, докажување моќ и контрола, а не сексуален чин. Целта на силувачот е да ја понижи жената и целосно да ѝ ја одземе личната моќ. Силувањата најчесто се планирани и извршени од страна на интимни пријатели, познаници, членови на семејството или непознати кога за тоа ќе се укаже можност.
Една од познатите реченици во земјава кога ќе се случи чин на силување е дека „жртвата сама си го барала и затоа и си го добила, поради нејзиното провокативно облекување, поради тоа што била во алкохолизирана состојба“ и слично. Тоа е една од најголемите заблуди во ваквите случаи.
Факт е дека никој не сака да биде сексуално малтретиран, повреден или понижен. Лица од сите старосни години, од сите општествени позиции биле цел на сексуално малтретирање. Дури 90 проценти од сите случаи на силување биле претходно испланирани. Напаѓачот честопати носи со себе оружје и ѝ се заканува со смрт на жртвата доколку таа се противи.

Истражувањата покажуваат дека најголемиот број силувачи се всушност познаници на жртвите. Сосед, пријател, познаник, колега, пријател од училиште, сопруг, партнер или поранешен партнер се најчестите силувачи. Според статистиката, непознати силувачи се јавуваат во едно од пет силувања. Приближно 28 проценти од жртвите се силувани од страна на сопрузите и партнерите, 35 проценти од страна на познаници, а пет проценти од страна на други блиски личности.
Најголемиот број силувања не се случуваат во темни паркови и мрачни улици среде ноќ, токму напротив. Мнозинството случаи, односно дури 60 проценти се случуваат во познат простор за жртвата, нејзиниот или домот на силувачот. Силувањата се случуваат и дење и ноќе.
Силувачите воопшто не се ментално нарушени личности, не се болни и, според истражувачите, „мит е тоа дека тие не можат да го исконтролираат својот сексуален нагон“.
Истражувањата покажуваат дека не постои „типичен“ профил на силувач. Мажите што се јавуваат како извршители на ова кривично дело им припаѓаат на сите социоекономски класи, нации и раси. Честопати станува збор за угледни, богати и моќни лица, а не маргинализирани лица, како што многумина знаат да го посочат. Силувачите ретко кога се зависници од алкохол, бездомници, психички болни лица. Тие не можат да се препознаат по специфично однесување. Многу е мала бројката на силувачи со ментална неспособност. Само два процента од мажите обвинети за силување биле психијатриски лекувани случаи.

ЖРТВИТЕ И СИЛУВАЊЕТО

Најтешко за жртвите по силувањето е да продолжат со својот нормален живот. За жал, жените жртви на силување многу ретко ги пријавуваат ваквите злосторства, а тоа не е за да ја задржат својата репутација, туку поради тоа што се чувствуваат виновно и од страв повторно да не бидат силувани и уценувани.
Се претпоставува дека само 26 проценти од сите силувања или обиди за силувања се пријавуваат во полиција. Во различни средини различни се и искуствата. Едно истражување, направено на 12.300 жени во Канада, покажало дека се пријавува само еден од 20 случаи на силување. Бројот на лажни пријави за силување не е поголем од бројот на другите лажно пријавени кривични дела и тој изнесува два процента.
Алкохолот е уште една причина што се користи како оправдување за силување. Сепак, тој е моќно средство што го користи силувачот во обид да ја контролира жртвата. Како дел од својот план, силувачот ја охрабрува жртвата да пие за да му биде полесно да го изврши криминалното дело. Алкохолот никогаш не е причина за силување, тој е само едно од многуте оружја што силувачите ги користат за да силуваат. Од мажите што го признале ова криминално дело, дури 75 проценти рекле дека понекогаш ги опијануваат жртвите за да ја зголемат можноста за сексуален однос.
Можеби еден од најголемите митови за силувањето е она силување што се случува во бракот, а каде што жената воопшто не се ниту бунтувала против сексуалниот акт. Вистината е дека напаѓачите не сакаат борба. Тие употребуваат разни облици на принуда, закани и манипулации за да силуваат. Во 87 проценти од случаите на силување била вклучена закана по животот на жртвата, а во 50 проценти закана со оружје.

ЛАНИ ЕВИДЕНТИРАНИ 38 КРИВИЧНИ ДЕЛА „СИЛУВАЊЕ“, А ОД ЈАНУАРИ ДО МАРТ ГОДИНАВА СЕДУМ СЛУЧАИ

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека во 2020 година биле регистрирани 38 кривични дела „силување“.
– Во текот на минатата година беа регистрирани 38 кривични дела „силување“, за кои се пријавени 40 сторители, како и 40 жртви, додека за периодот од јануари до март 2021 година се регистрирани седум кривични дела, за кои се пријавени пет сторители и осум жртви – велат од МВР.
Според податоците на полицијата, најголемиот број сторители на обид за силување и силување се лица на возраст од 18 до 35 години. Дури 18 лица од оваа возрасна граница се обиделе или извршиле силување.
На возраст до 17 години се обиделе да го извршат кривичното дело две лица, а како силувачи од 36 до 45 години се јавиле пет лица.
Од 46 до 60 години се обиделе да силуваат 11 лица, а над 60 години како силувачи се евидентирани четири лица.

Вкупниот број на сторители на обид за силување или силување во 2020 година изнесува 40, додека оваа година, само во периодот од јануари до март се евидентирани петмина сторители. Што се однесува до бројот на жртви, според статистиката на МВР, тој изнесува 40 лица.
Минатата година како жртви на силување имало осум женски деца и едно машко дете. Најчесто како жртви на силување се жените, за што полицијата евидентирала дури 29 жртви, како и еден маж. Оваа година, во периодот од јануари до март, како жртви се регистрирани три женски деца, четири жени и едно машко дете. Вкупниот број на жртви годинава изнесува осум.

[email protected]