Техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, до Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднел докази за злоупотреби од вработени во МВР со јавната набавка на обрасци за лични документи.
Издавањето на личните документи доцни и се создава метеж од декември 2019 година поради недостиг на обрасци.
Министерот Чулев вели дека вината за тоа е кај Оливер Спасовски, кој четири години не презел мерки за набавка на обрасци за лични документи. Анализите во Министерството покажале дека обрасците место со нов договор се обезбедувале по пат на анекси на стариот договор со компанијата „Веридос“, па договорот од 7,2 милиони евра, со анексите се искачил на 12,8 милиони евра во кои влегла и набавка на хардвер без софтвер.
– Нашите индиции, со докази, дека одговорни лица ја злоупотребиле службената положба и овластување ги доставивме до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Доколку се потврдат, ние ќе иницираме дисциплински постапки против вработените – рече министерот Чулев.
Тој рече дека ќе почека Обвинителството да утврди точно кои вработени кои работеле на јавната набавка ја злоупотребиле службената положба, но дека доказите се главно за комисиите кои се менувале, се откажувале членови, се назначувале нови кои ги одобрувале анексите со кои договорот постигнал речиси двојно повисока вредност од првичната. Иако вредноста била дуплирана, во анексите не бил прецизиран начинот на плаќање, не бил утрвден рокот на плаќање, ниту рокот за доставување на обрасците, немало технички спецификации за изгледот на новите документи, за службените и дипломаттските пасоши и за техничките спецификации место МВР било оставено да одлучи „Веридос“, а имало авансни исплати.
За надминување со настанатиот хаос околу издавањето на личните документи Чулев вели дека одлучиле службите за издавање лични документи во Скопје, Беко и Ѓорче Петров, до изборите да работат и во сабота и со продолжено рабтно време, односно од 7.30 часот до 21 часот.
Метежот поради доцнењето во издавањето лични карти и возачки дозволи министерот Чулев рече дека веќе се надминува, а за проблемот со пасошите најави дека детално ќе ги информира граѓаните утре.
Минатиот месец на прес-конференција Чулев рече дека обрасци за пасоши имаат до средината на февруари, а новата набавка е на 28 март. Како ќе го решаваат овој проблем, Чулев рече дека ќе соопшти утре.