Сите информации и анализи упатуваат на тоа дека пандемијата, која изминативе две години остави видливи траги не само со губењето човечки животи туку и со разнишувањето на економските системи на сите земји во светот, е и „акцелератор“ за противправни и криминални активности и за зголемување на стапката на
криминалитет воопшто. Трговијата со луѓе, заради препродавање органи, не е изземена од таквите криминални активности, дури бележи и нагорен тренд…

ПАНДЕМИЈАТА ОТВОРИ ШИРОКИ ПОЛИЊА ЗА ДЕЈСТВУВАЊЕ НА КРИМИНАЛЦИТЕ

Трговијата со луѓе заради продажба на органи не е новитет во светот. Но сега многу повеќе се зборува за оваа тема, и тоа со оглед на тоа што пристапноста на технологијата и унапредувањето на институционалните механизми на државите се многу посовремени отколку во минатото, како и поради нагорниот тренд на оваа форма на криминал.
Ваквиот нехуман и крајно неетички начин на тргување со туѓи органи, веќе претставува сериозна загриженост и за Интерпол, бидејќи ваквиот начин на заработка (на дарителите на органи), но и спасување човечки животи на лица (подготвени да платат огромни финансиски средства), зема сѐ поголем замав, и тоа особено во сиромашните земји, каде што беспарицата е до тој степен голема, што населението се одлучува за продажба на некој свој орган.

ТРГОВИЈА СО ЛУЃЕ ЗАРАДИ ЧОВЕЧКИ ОРГАНИ

Трговијата со луѓе на кои им се отстрануваат органи заради други, трети лица, зема сѐ поголем замав, најмногу во крајно осиромашените земји како што се Северна и Западна Африка.
Според последниот извештај на Интерпол, причината за зголеменото ширење на овој крајно неетичен црн илегален бизнис е недостигот од органи за етичка трансплантација, каде што органи се донираат од лица за кои не постои надеж дека ќе ја преживеат извесната здравствена состојба во која се наоѓаат. Многубројните причини поради кои најблиските членови на семејството не дозволуваат нивните блиски за кои нема надеж дека ќе преживеат да бидат дарители на органи за оние на кои истите тие им се навистина потребни, е една од главните причини поради кои цвета илегалниот пазар на трговија со луѓе заради нивните органи.
Според извештајот, иако трговијата со органи постои во сите региони во светот, таа предизвикува особена загриженост во Северна и во Западна Африка, каде што сиромашните заедници и раселените популации се изложени на поголем ризик од експлоатација.
Организатори на трговијата со луѓе заради нивните органи се добро организирани криминални организации, кои овој бизнис го работат заради екстремно големиот профит што можат да го обезбедат, бидејќи оној што во очај има потреба од некој орган (а тоа се најчесто лица за кои парите никогаш не се проблем) е подготвен да плати енормно високи суми за да го спаси сопствениот живот.

ДЕБЕЛИ ВРСКИ ВО МЕДИЦИНСКИОТ СИСТЕМ

Според досегашните информации на Интерпол, во оваа пајакова мрежа се заплеткани и лица од Африка, Азија и од Блискиот Исток, кои имаат врски со медицинскиот сектор.
Фактот што трговијата со органи единствено е возможна во една специфична и сложена мрежа, бидејќи за реализација на истата таа се потребни специфични вештини, кои ги поседуваат само медицински специјалисти, хирурзи и медицински сестри. Исто така потребна е и беспрекорна логистика бидејќи не секој може да добие орган од едно лице, па така, потребна е и компатибилност – чиј орган одговара, а чиј не, а секако потребни се и дарители. На крајот, најважно е криминалните организации да имаат аналитички лаборатории, клиники и сали за операции.
Извештајот на Интерпол покажува веројатни врски помеѓу трансплантацискиот туризам – каде што пациентот патува во странство за да купи орган за илегална трансплантација. Трансплантациите, пак, што се извршени во Северна Африка најчесто се направени со органи добиени нелегално во регионот или, пак, трансплантациите се направени на друго место со нелегално добиени органи од државјани од Северна и од Западна Африка.

КОИ ЗАЕДНИЦИ СЕ НАЈРАНЛИВИ

Како и секогаш, криминалните организации што својата финансиска стабилност ја стекнуваат исклучиво на темната страна на законот, најчесто профитираат од очајот на невработените, мигрантите, барателите на азил и бегалците за да ги принудат да продаваат орган. Жртвите на трговија со луѓе за сексуални и работни цели, исто така, се изложени на дополнителен ризик.
Техниките што се користат за регрутирање и контрола на жртвите се исти како оние што се користат за други видови трговија со луѓе, како што се ветувања за можности за работа во странство, како и употреба на закани и насилство.
Најчесто, дарителите жртви добиваат помала сума од парите отколку што е договорено со тој што регрутира или брокерот, а во некои случаи можеби нема да добијат ништо од ветената исплата. Многу дарители жртви претрпеле постоперативни компликации и здравствени проблеми.

КОРОНАВИРУСОТ ЌЕ ГО ПОТТИКНЕ ОВОЈ „БИЗНИС“

Сите податоци упатуваат на тоа дека пандемијата, која изминативе две години го покоси човештвото и остави видливи траги не само со одземањето на човечки животи туку и со разнишувањето на економските системи на сите земји во светот, ќе биде капката во чашата потребна за да се прелие и поттикне трговијата со луѓе заради органи.
На брокерите што се задолжени за пронаоѓање продавачи и купувачи, веројатно, ќе им биде полесно да ги принудат ранливите поединци да продадат орган за да ги подобрат нивните економски услови. Една од причините за поттикнување на овој вид криминал е фактот што коронавирусот беше причина за намалување на бројот на трансплантации и со намалување на бројот на дарувачи што го прават тоа на легален начин.
– Иако трговијата со луѓе за отстранување органи не е нова појава, таа е недоволно пријавена поради тајната природа на кривичното дело, комбинирана со недостиг од свест од страна на агенциите за спроведување на законот и недостиг од канали за споделување информации помеѓу медицинскиот и полицискиот сектор – рече Сирил Гит, директор за оперативна поддршка и анализа на Интерпол.

Сѐ уште се свежи впечатоците од балканскиот СЛУЧАЈ „ЖОЛТА КУЌА“

Македонија, за среќа, не брои вакви податоци бидејќи досега според достапните информации, во земјава ваков криминален чин сѐ уште се нема реализирано, иако, како релативно сиромашна земја, населението би можело да стане сѐ попримамливо за криминалните организации.
Сепак, Балканот беше добро потресен од случајот познат како „Жолта куќа“, во кој на илегален начин се киднапираа луѓе на кои потоа им беа отстранувани органи од телото.
Скандалот беше откриен во 2008 година, кога беше обелоденето дека во „Жолтата куќа“, лоцирана во северот на Албанија во градот Бурел, за време и по воениот конфликт во Косово се вршеле операции за вадење органи од заробеници на ОВК.
Во 2019 година, косовската полиција уапси пет лица за кои постоеше сомнение дека во една нелегална клиника во Приштина тргувале со човечки органи и се занимавале со нелегални трансплантации.
Во објектот каде што се вршеле трансплантациите, полицијата пронашла материјални докази, меѓу другото и здравствени картони на седум пациенти, како и друга медицинска документација, а истрагата за овој случај траела неколку месеци.
За оваа илегална клиника, полицијата се сомневаше дека работела и со трговија со клетки и дека во неа се реализирале ин витро оплодувања.

[email protected]