Во несреќата во семејна куќа во селото Романовце во која вчера утрото околу 10 часот експлодира плинска боца загинаа три деца на возраст од осум, девет и единаесет години, а 58-годишниот маж подоцна им подлегна на повредите. Мажот, кој беше во критична состојба по експлозијата, почина синоќа на Единицата за интензивно лекување на Клиниката за неврохирургија во Скопје.
Во несреќата беа повредени седум лица, кои се здобиле со висок степен на изгореници. Пожарот бил изгаснат од Противпожарната единица од Куманово. За случајот е известен јавен обвинител и увидна екипа од СВР Куманово, кои се упатиле на местотот на настанот со цел утврдување на причините кои довеле до несреќата.
Пациентите првично беа хоспитализирани во Кумановската болница, но оттаму беа препратени на лекување во Скопје. Во тешка состојба се и две жени, на возраст од околу 30 и 50 години. Во критична состојба, исто така, е еден повозрасен маж.
Во критична животна состојба се и четириесетгодишната жена и десетгодишното дете кои моментно се на лекување во ЈЗУ Универзитетска клиника по хируршки болести „Св.Наум Охридски“ – Скопје, каде е примена и бремена жена на возраст од околу 20 години.
Гинеколог ја прегледал пациентката, која е бремена во седми месец, и констатирал дека плодот е во добра состојба. Кај жената има изгореници од 20-30 отсто и била примена во единицата за интензивно лекување.
Во посета на повредените пациенти хоспитализирани на КАРИЛ вчера попладне беше министерот за здравство Венко Филипче. Тој информираше за нивната состојба и нагласи дека се преземаат сите мерки за интензивно лекување и следење на нивната состојба.
Жителите на Романовце не паметат ваква трагедија. Претседателот на месната заедница, Таџедин Есапи, жали за трагедијата што се случи во нивното село. Сочувство до семејството на загинатите вчера преку Фејсбук изразија претседателот Стево Пендаровски, премиерот Оливер Спасовски и претседателот на СДСМ, Зоран Заев. Тие потенцираа дека се работи за ненадоместлива загуба, за загуба на детски животи и посакаа брзо закрепнување на повредените.