Во Кривичниот суд во Скопје денеска се одржа ново рочиште од предметот „Тенк“ на СЈО во кој обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски, за набавката на луксузниот „мерцедес“ од 600 илјади евра.
Обвинителите испрашуваа пет сведоци од кои тројца вработени во МВР и двајца вработени во комапнијата „Мак Аутостар“ во 2012 година.
Сведоците одговараа на прашања околу техничката спецификација на возилото и за тендерската документација. Вработените од компанијата преку која е набавен автомобилот ја појаснуваа процедурата за набавка на специјаното возило. Одбраната, иако ги имаше повикано истите сведоци за сведочење, се откажа од предлогот.
Еден од сведоците од МВР, кој извршил прием на „мерцедесот“, рече дека ја споредил техничката документација со тоа што го добиле и рече дека единствено забележал дека пневматиците на возилото се со постар датум на производство.
Судијата во еден момент го прекина судењето и ги предупреди обвинетите Груевски и Јанкуловска да ги исклучат мобилните и да не испраќаат пораки.
Следното рочиште е закажано за 10 април, кога ќе треба да бидат сослушани уште тројца сведоци на обвинението, ќе бидат слушани цедеата, а ќе се презентираат и другите материјални докази.
Поранешниот премиер Груевски по рочиштето ги коментираше изјавите на сведоците за кои рече дека се изјасниле дека целата процедура била законска и додаде дека се гледа манипулацијата на СЈО дека врши политички прогон врз него и неговите соработници.
Според обвинението, во периодот од февруари до крајот на октомври 2012 година Груевски како службено лице ги искористил влијанието и службената положба и побарал од министерката за внатрешни работи Јанкулоска, да спроведе јавна набавка во која министерството ќе купи ново блиндирано патничко моторно возило „мерцедес“, модел „С-600 гард“, а во постапката бил фаворизиран економскиот оператор М.А. ДООЕЛ, генерален застапник и дистрибутер на возилата од брендот „Мерцедес“.