Фото: Игор Бансколиев

На границата со Република Бугарија досега се откриени дваесетина случаи на фалсификувани ПЦР-тестови при влез и излез од државата. По целосно документирање на случаите, против лицата ќе бидат поднесени соодветни пријави, информираат од Министерството за внатрешни работи

КОВИД-19 ДОНЕСЕ НОВИ ОБЛИЦИ ЗА НЕЛЕГАЛНА ЗАРАБОТКА

Криминалните умови и групи не мируваат. Овој пат корона-кризата од нивна страна беше прифатена како нова и интересна можност за нелегална заработувачка. Тука криминалците препознаа низа шанси за реализација на нови форми и облици на криминал. Имено, лажни и фалсификувани средства за дезинфекција, лажни лекови за ковид-19 и многу други производи изминатата година се продаваа од страна на криминалните групи, претставувајќи закана за здравјето на луѓето што во паника купуваа сѐ што на интернет им се сервираше. Министерството за внатрешни работи, Интерпол, Европол и другите институции задолжени токму за оваа проблематика, постојано апелираа до граѓаните да не наседнуваат на вакви лажни производи, кои освен што ќе им ги испразнат џебовите на граѓаните, никакви други бенефиции нема да им обезбедат.
Битката со лажните антиковид-производи сѐ уште се води, но сега надлежните имаат дополнителни обврски поврзани со коронавирусот, а кои се однесуваат на тестовите за испитување на присуство на ковид-19 во организмот.

НА ГРАНИЦАТА СО БУГАРИЈА ЕВИДЕНТИРАНИ ДЕСЕТИНА СЛУЧАИ

Пред неколку дена на граничниот премин Деве Баир, полицијата приведе шест лица, четворица на возраст од 21 до 24 години и двајца на возраст од 46 години, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“, „фалсификување исправа“ и „употреба на исправа со невистинита содржина“.
– На 29.1.2021, при извршени проверки било утврдено дека нивните ПЦР-тестови не биле издадени од соодветна клиника. Одземени биле вкупно шест ПЦР-тестови на нивно име, шест мобилни телефони, како и нивните патни исправи со потврда за привремено одземени предмети. Заедно со одземените предмети тие биле предадени во Полициската станица во Крива Паланка за понатамошна постапка – информираат од МВР.
Од министерството информираат дека на источната граница, односно на границата со Бугарија се евидентирани десетина случаи.
– На границата со Република Бугарија досега се откриени дваесетина случаи на фалсификувани ПЦР-тестови при влез и излез од државата. По целосно документирање на случаите, против лицата ќе бидат поднесени соодветни пријави – информираат од МВР.

ВКУПНО 45 ЛИЦА СЕ ОБИДЕЛЕ ДА ВЛЕЗАТ ВО ХРВАТСКА СО ФАЛСИФИКУВАНИ ТЕСТОВИ

Во јануари 45 лица се обиделе да влезат во Хрватска со лажни сертификати од ПЦР-тестови. Според хрватската полиција, лицата биле приведени и доколку бидат осудени, ќе добијат казна затвор од три години.
Тие биле запрени во обид да влезат во Хрватска од Босна и Херцеговина. Според правилата за патување на Хрватска, патниците од соседните земји можат да влезат во оваа земја само доколку пред граничните власти презентираат негативен ПЦР-тест или сертификат издаден од лекар, кој докажува дека тие веќе биле заразени со вирусот и дека го прележале.
– На граничниот премин кај Стара Градишка, полицијата открила 43 лица, претежно државјани на Босна и Херцеговина, кои презентирале лажни ПЦР-тестови, издадени во БиХ – изјавија од тамошната полиција.

ОТКРИЕНА КРИМИНАЛНА ГРУПА ШТО ПРОИЗВЕДУВАЛА ФАЛСИФИКУВАНИ
ПЦР-ТЕСТОВИ ОД АЛБАНИЈА

Медиумските мрежи „Топ ченел“ и „Стар“ од Албанија, во ноември минатата година открија цела индустрија со фалсификувани ПЦР-тестови, кои граѓаните ги купувале за да ја преминат грчката граница.
Групата дејствувала на северот од Албанија, а тамошните власти откако ја открија криминалната мрежа, Грција беше принудена да го затвори граничниот премин Кристалопиги.
Оттогаш патниците од Албанија што сакаат да патуваат во Грција мора да се упатат на граничниот премин Какавија, каде што им се прават брзи тестови со задолжително покажување и еден негативен ПЦР-тест не постар од 72 часа.
На лажните тестови, односно сертификати поинакви се логоата на дијагностичките центри во кои наводно е правен тестот, но и по потписот и печатот на докторот што ниту крив ниту должен станува жртва на фалсификувањето.
Тогаш, многумина од оние што со лажните сертификати и тестови ја преминале границата биле заразени со коронавирусот, а во Грција заминале на лекување бидејќи немаат доверба во албанскиот здравствен систем.
Во целата оваа ситуација неколку жители на Албанија беа уапсени.

СКАНДАЛ СО ЛАЖНИ ПЦР-ТЕСТОВИ И ВО СРБИЈА И ВО БИХ

Во декември 2020 година, две лица беа уапсени во Модрич на северот на Босна и Херцеговина, во полициската акција „Ретест“, поради сомнение дека издавале лажни ПЦР-резултати од микробиолошки анализи за ковид-19.
Тие за одреден финансиски надомест по барање на граѓаните што имале намера непречено да патуваат им издавале фалсификувани тестови.
Во Србија, пак, во август минатата година, шест лица беа уапсени по наредба на српското обвинителство за организиран криминал под сомнение дека се приклучиле на криминална група заради фалсификување лични документи, но и десетици лажни ПЦР-тестови.
Оваа организирана криминална група на територијата на Република Србија во периодот од јануари 2020 година наоѓала лица заинтересирани за добивање лажни јавни документи, изработувала фалсификувани лични документи, како и десетици лажни резултати од ПЦР-тестовите на ковид-19. Осомничените за изработката на фалсификуваните документи наплаќале надоместок во износ од 100 до 800 евра за документ.

ЕВРОПА И СВЕТОТ СЕ СООЧУВААТ СО ФАЛШ ТЕСТОВИ

Ниту европските држави не се имуни на криминалните активности поврзани со фалсификување на ПЦР-тестови. Во ноември минатата година, во Франција, седум лица беа уапсени на аеродром во Париз, поради продажба на лажни ковид-тестови за кои земале паричен надомест од 150 до 300 евра.
Во октомври, пак, во Бразил, туристи што пристигнале со приватен лет беа уапсени поради фалсификувани сертификати што докажувале дека не се ковид-позитивни. Кога надлежните се јавиле во лабораторијата, добиле информација дека патниците ги смениле податоците и датумите на сертификатите.
Новинарите на лондонски „Телеграф“ разговарале со човек што успеал да искористи фалсификуван ПЦР-сертификат, односно сертификат од негов другар што патувал во Пакистан.
– Многу е просто. Сите знаат некој што веќе има негативен ковид-тест. Го симнав резултатот на другарот, ги сменив податоците и датумот и го испечатив документот – изјавил тој.
Во Велика Британија ваквите фалсификувани сертификати се продавале за цена од 150 фунти.
Во Бангладеш, пак, беше уапсен сопственик на болница што издал стотици лажни тестови на работници од странство за 59 долари.

[email protected]