Моќниот мексикански картел „Синалоа“ (името го доби по истоимената северозападна мексиканска сојузна држава на брегот на Тихи Океан), познат и по називот „Организацијата Гузман-Лоера“, или Тихоокеански картел, е меѓународна криминална организација што го откупува опиумот во Мексико, потоа го преработува во хероин и го пласира на наркопазарот во САД. Минатата година бил евидентиран изненадувачки број на смртни случаи од предозирање со дроги – 70.237! Тоа е повеќе отколку сите случаи на загинување на Американци во Виетнамската војна. Оние што зборуваат за ѕидот меѓу Мексико и САД одамна ја имаат предвид и нарконаездата, не само бегалската…
Подземниот свет на шверцувањето дрога е екстремно брутален. Тука не заработуваат само суровите шефови на наркокартелите туку и многу државни и политички структури. Во заднината на сето тоа се бескрајната политичка корупција и моќта. Во валканиот договор животите ги губат многумина: полициските службеници и агенти што вистински се борат против тоа зло, но и ситните риби, нискорангираните дилери во картелската вертикала на моќта или разни авантуристи и наивници што сакаат да се вклучат во тој свет заради „лесна“ заработка. Неретко луѓе влегуваат во него непромислено, а обично од него излегуваат или во мртовечки ковчези или долготрајно сместени во странски или домашни затворски ќелии. Ваквиот синопсис многу личи и на некои добропознати успешни холивудски филмски приказни, а кои понекогаш (не)свесно го романтизираат целиот овој подземен свет. Но, од друга страна, и политиката и државите не се далеку од оваа мрачна појава со меѓународен карактер. Таква е приказната што „ги поврзува“ и Мексико и САД.
Имено, моќниот мексикански картел „Синалоа“ (името го доби по истоимената северозападна мексиканска сојузна држава на брегот на Тихи Океан), познат и по називот „Организацијата Гузман-Лоера“, или Тихоокеански картел, е една таква меѓународна криминална организација.
Седиштето на картелот е во градот Кулиакан, а исто така дејствува и во мексиканските држави Калифорнија, Дуранго, Сонора и Чихуахуа. Во тие земји производителите на опиум родот му го продаваат на картелот, кој потоа го преработува во хероин и го пласира на наркопазарот во САД. Но, како што пишува „Вајс њуз“, на родот на опиумот неодамна му паднала цената (за тоа подолу во текстов).
Картелот „Синалоа“ на многумина им асоцира на прочуениот хероински Златен триаголник во Јужна Азија (просторот на тромеѓата меѓу Лаос, Тајланд и Мијанмар), со тоа што во случајов на овој картел тоа се однесува на мексиканските сојузни држави Синалоа, Дуранго и Чихуахуа. Тука се наоѓаат водечките производители на мексикански опиум. Производителите од Златниот триаголник изјавија за агенцијата „Вајс њуз“ дека картелот „Синалоа“ веќе не купува опиумска смола по високи цени. Тоа е смолата што се добива од афион и се преработува во хероин.
Истовремено, во САД продолжува порастот на бројот на наркомани. За да може картелот да ги задоволи побарувачките од САД, пронајде нова состојка, која нема врска со полињата со афион.
Според службениот американски извештај за кризата на наркотиците, во периодот од 1999 до 2017 година повеќе од 700 илјади Американци умреле од предозирање со дроги, а околу 10 проценти од нив умреле само во 2017 година. Минатата година бил евидентиран изненадувачки број на смртни случаи од предозирање со дроги – 70.237! Тоа е повеќе отколку сите случаи на загинување на Американци во Виетнамската војна.
Опијатите се виновни за 67,8 проценти, или 47.600 случаи од нив. Од тие смртоносни последици на предозирање со опијати, 59,8 или 28.466 се предизвикани од користење синтетички дроги.
Сега се појавува сѐ поголем број на сведочења за тоа дека фентанил најмногу се произведува токму во Мексико, во тајни лаборатории, во кои се користат хемиски супстанции увезени од Кина.
Мексикански фармер од Тамеапа се сеќава на деновите кога за килограм опиумска смола можел да заработи 35 илјади пезоси (околу 1.800 долари), а сега картелот му плаќа едвај една третина од тој износ. Изјави дека е тоа еднакво на „смртта на фирмата“ и дека таа работа е нивен единствен извор на приходи, а „сега сѐ е завршено“.
Во Мексико од 2006 година се регистрирани три случаи на добивање фентанил од лабораторија. Двата последни беа во 2017 година, во областа Синалоа и пограничниот град Мехицака во септември, кога полицијата пронајде 20 илјади таблети фентанил, како и хемичарите што го произведоа.
Портпаролот на Американската агенција за борба против дрогата (ДЕА), Кетрин Пфаф, изјави за агенцијата „Вајс њуз“ дека ДЕА е „крајно загрижена поради увозот, транзитот или извозот на фентанил од Мексико“.
– Многубројните криминалистички истраги, спроведени со локалните оддели на ДЕА, овозможија добивање информации за производството на фентанил во Мексико – изјави Пфаф.
Тој додаде дека продолжението на двостраните истраги со другите агенции, исто така, довело до докази дека фентанилот се произведува во Мексико.
На самитот на членките на Г20, одржан на 1 декември во Буенос Аирес, американскиот претседател Доналд Трамп го пофали кинескиот лидер Џи Јинпинг откако кинеската влада објави дека сите „супстанции на база на фентанил“ ќе ги стави под надзор. Главните напори се насочени на спротивставување на хемичарите-криминалци, кои произведуваат нови подвидови фентанил.
Меѓутоа, активностите на кинеската влада тешко дека ќе имаат поголемо влијание на опиумската криза во САД.
– Фентанилот одамна е ставен под контрола во Кина. Не е јасно како и кога ќе стапи во сила новата регулатива – се прашува „Вајс њуз“.
Поранешен агент на ДЕА наведува дека Кина „тежнее кон изградба на слика на соработка со службените лица на САД“, не спроведувајќи никакви реформи што би му наштетиле на нејзиниот стопански пораст.
Со текот на децениите американскиот пазар на хероин географски се подели со реката Мисисипи. Познато е дека картелот „Синалоа“ на американскиот запад доставувал хероин од црна смола, додека Колумбијците го снабдувале американскиот исток со „кинески бел“ прашок. Но, по уривањето на колумбиската наркосцена и растечката побарувачка на американските наркомани за дрога за намалување на болката, динамиката на пазарот се смени. Сега во Мексико се произведуваат синтетички опијати со користење кинески хемичари, што ја „храни“ американската опијатска криза. И сето ова би било „нормален криминал“ доколку би немало индикатори дека корумпирани политичари и цели влади стојат во сенка на „наркопроектот“ од енормни размери, кој „класичниот криминал“ го прави државен и организиран. Ѕидот што се најавува да биде подигнат меѓу Мексико и САД е само метафора дека треба да се стави точка на ова зло, чии референци се длабоко политички, но рак-раната не е само локална, туку е со меѓународни димензии. Ако една голема сила со своите ресурси не му стави крај на ова, што останува за другите делови на светот? Во скоро време докажаните криминалци од опскурните кабинети полека ќе завладеат со светот. Зар дојдовме дотаму? С.Н.М.