Бизнис партнери, од кои едниот Македонец и неговиот пријател од Загреб, загинаа во страшна сообраќајна несреќа којашто се случила викендов во центарот на Медулин, најпознатото туристичко место на Истра, Хрватска, пренесува Јутарни.хр.
Во несреќата што се случила во 2 часот по полноќ, во саботата, животот го загубиле 47-годишник од Загреб, кој управувал со возилото „форд мондео“ и 43-годишниот совозач – негов бизнис- партнер од Македонија.
Тие возеле со огромна брзина од 180 километри на час, на место каде било дозволено само 30 километри на час. Удриле во столб за осветлување, а потоа и во разводната кутија, предизвикувајќи прекин во снабдувањето со струја, како и во телефонската мрежа.
47-годишникот од Загреб бил на службен пат во Истра, заедно со неговиот бизнис-партнер од Македонија. Имал сопруга и три деца. Несреќата се случила на раскрсницата на улиците Брајдина, Рибарска и САД. Двајцата загинале на местото на настанот, а од возилото не е останато речиси ништо.
Со помош на пожарникарите бил исечен лимот од уништеното возило и биле извлечени телата на загинатите.
Од силата на ударот бил предизвикан проблем со снабдувањето со струја – осум кабли за струја биле прекинати, како и оптичкиот кабел, што предизвикало прекин и на интернетот, но и на телефонските линии. Бил предизвикан проблем и при работата на банкоматите и ПОС-уредите во некои од околните дуќани.