Сѐ поголем е бројот на криминални дела поврзани со фалсификување пари. Според информациите што ги објавува Министерството за внатрешни работи, речиси нема ден без индиции, па и докази, дека оваа криминална форма е присутна на овие простори.
Бројот несомнено расте, а на граѓаните што размислуваат и дејствуваат со таква криминална матрица сѐ полесно им е да се занимаваат со фалсификување пари, бидејќи со новите ИТ-технологии полесно се доаѓа до таква цел, а исто така лесно е фалсификатите да се пуштат во оптек, без да го забележи некој тоа веднаш

Сѐ поголем број случаи со фалсификувани пари во земјава

Бизнисот со фалсификувани пари никогаш нема да излезе од мода, судејќи по многубројните случаи што македонската полиција редовно ги објавува во своите дневни билтени, но и по активностите на Европол и Интерпол за сузбивање и откривање на овој криминал. Корона-кризата само дополнително им беше ветер во грб на криминалните организации, кои дебело ја искористија и ја наплатија здравствената криза, пуштајќи во оптек големи суми фалсификувани пари. Оваа криминална проблематика е доста голем предизвик за сите надлежни институции, бидејќи, како што технологијата станува сѐ пософистицирана, така и сѐ потешко станува откривањето на лажните банкноти. За жал, ова е сериозен проблем, бидејќи секој во своите раце може да има фалсификувани пари, без притоа воопшто да биде свесен за тоа. Секој може да пазари со фалсификувани банкноти и за тоа дури да добие и соодветни санкции, а воопшто да немал таква намера. Токму затоа овој бизнис за криминалните организации што се занимаваат со него е доста профитабилен, бидејќи совршениот систем на маскирање на лажните пари идеално се вклопува во овие брзи времиња, кога недостигот од внимание може многу скапо да се плати.

РАСТЕ ЦРНИОТ БИЗНИС СО ФАЛСИФИКУВАЊЕ ПАРИ

Сѐ поголем е бројот на криминални дела поврзани со фалсификување пари. Според информациите што ги објавува Министерството за внатрешни работи, речиси нема ден без криминал поврзан со оваа проблематика.
Бројот несомнено расте, на граѓаните сѐ полесно им е да се занимаваат со фалсификување пари, бидејќи лесно е да се пуштат во оптек, без да го забележи некој тоа веднаш.
На почетокот на минатиот месец, полициски службеници од Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал, во соработка со Одделот за гранични работи и миграции на скопскиот аеродром, при влез во државата, уапсиле двајца Камерунци, Т.Р.Ф. (36) и М.Б.С. (40), поради сомнение за сторени кривични дела правење, набавување или отуѓување средства за фалсификување.
Како што информираа од МВР, при пасошка контрола на пријавените, кои допатувале од Милано, им била извршена дополнителна контрола и при прегледот на багажот, кај Т.Р.Ф. биле пронајдени 2.591 исечено парче хартија, на кои од двете страни бил отпечатен дел од дизајнот на банкноти од 50 евра, 2.363 такви парчиња со дизајн од сто евра, 463 парчиња од 200 евра, 213 со дизајн од 500 евра, две исечени парчиња хартија на кои од едната страна бил отпечатен во повеќе бои дел од дизајнот на банкноти од 50 евра, 78 исечени парчиња хартија без никаква ознака, како и две шишиња со течност и УВ-ламба.
При прегледот на багажот кај вториот Камерунец биле пронајдени 2.072 исечени парчиња хартија со црна заднина, на кои од двете страни е отпечатен дел од дизајнот на банкноти од 50 евра, 1.321 парче со дизајн на банкноти од сто евра, 247 парчиња од 200 евра, 104 со дизајн на банкноти од 500 евра, како и една француска лична карта на име К.В.С. и една камерунска патна исправа на име С.И.Ф., за кои нема податоци дека се вистинити.
Пронајдените предмети биле одземени и предадени на вештачење во Народната банка и Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при МВР, при што било утврдено дека примероците се имитации на евробанкноти со различна апоенска вредност, кои се изработени со користење професионална опрема.

Исто така, од извршената експертиза од страна на Народната банка беше констатирано дека тие претставуваат примероци во рана фаза од изработката на фалсификувани евробанкноти со апоенска вредност од 50, 100, 200 и 500 евра.
Поради тоа што Камерунците неовластено ги поседувале предметите, со намера да ги внесат на територијата на нашата држава за да се искористат за правење лажни пари во вкупна вредност од 902.150 евра, Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал поднесе до ОЈО Скопје кривична пријава против двете лица, поради сомнение за сторени кривични дела „правење, набавување или отуѓување средства за фалсификување“ по членот 271 став 2 од Кривичниот законик.
За жал, ова не е единствен случај во земјава, иако е последен од посериозните на оваа тема. Македонија се соочува со релативно висока стапка на криминал со фалсификувани пари.
Во 2018 година беа поднесени кривични пријави за единаесет лица од Кавадарци, за кои постоеше сомнение дека биле вмешани во фалсификување пари.
Во март годинава беше откриена работилница за фалсификување пари во тетовското село Долна Лешница, кога беше поднесена кривична пријава против Џ.Б. (44) од истото село, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување пари“.
Полицијата при претрес во неговиот дом и помошните простории пронашла две чанти и неколку коверти со поголемо количество разновидни банкноти – евра, швајцарски франци и кувајтски динари, како и повеќе заштитни маркици-холограми, односно фолитска лента со логото евро, хартија хамер А4-формат, на која се печатени дел од банкнотите и други предмети.
Во февруари, пак, оваа година, МВР поднесе кривична пријава за жител на тетовското село Шипковица, затоа што со лажни 4.500 евра купил автомобил БМВ, додека, пак, продавачот на автомобилот, иако знаел дека парите се фалсификувани, во неколку наврати се обидел да ги пушти во промет, за што и тој добил кривична пријава.

НАЈМНОГУ СЕ ФАЛСИФИКУВААТ БАНКНОТИ ОД 20 И 50 ЕВРА

Еврото е една од валутите што се најпримамливи за фалсификување бидејќи е една од најстабилните валути. Најпримамлива за фалсификување е банкнотата од 20 апоени, а веднаш по неа се банкнотите од 50 евра. Во анализата направена од Европската централна банка, банкнотите со апоени од 20 и 50 евра заедно сочинуваат 83,3 проценти од фатените фалсификувани банкноти во 2015 година.
Европската централна банка на почетокот на годинава информира дека во текот на 2020 година, вкупно 460 илјади фалсификувани евра биле повлечени од оптек низ цела Европа и светот.
Според оваа институција, најмногу лажни евра биле откриени во земјите од еврозоната и остатокот од ЕУ, а само 2,7 проценти во другите делови на светот.
– Дури 94,5 проценти од фалсификуваните банкноти се пронајдени во земјите од еврозоната, 2,8 проценти се пронајдени во земјите-членки на ЕУ надвор од еврозоната, додека 2,7 проценти се откриени во други делови на светот – соопшти тогаш Европската централна банка.

[email protected]