Петмината приведени за насилниот протест во Тетово одржан на 17 септември ќе бидат пуштени на слобода откако денес во Основниот суд Тетово добија условни казни, информираше еден од адвокатите во процесот.
На обвинетите им се судеше за сторено кривично дело „напад врз службено лице“ поради насилството на протестот, на кој беше побарана одговорност за пожарот во тетовската модуларна болница на 8 септември, во кој 14 лица ги загубија животите.
Судот го укина притворот, утврдувајќи казна затвор од една година доколку тие повторно го сторат делото во наредните години, откако обвинетите ја признаа вината, како што информираше еден од адвокатите на обвинетите.
Тетовската полиција соопшти дека ги уапсила петмината бидејќи се однесувале агресивно и физички нападнале полициски службеници кои извршувале службени дејствија за време на протестот во Тетово.