Статистичките податоци велат дека во текот на 2020 година биле регистрирани 264 кривични дела „разбојништво“, кои статистички бележат намалување од 18,8 отсто во однос на 2019 година, кога беа регистрирани 325 разбојништва. Најголем број разбојништва биле извршени во главниот град, а најмалку биле регистрирани во Куманово
Разбојниците не мирувале ниту изминатата пандемиска година, а според сознанијата на Министерството за внатрешни работи, повеќе разбојништва се случувале на улиците отколку во домовите, иако во многу наврати имаше полициски часови. Тоа значи дека во 2020 година најмногу имало таканаречени улични разбојништва. Но разбојништва биле извршени и по куќи и станови, казина, обложувачници, маркети, бензински пумпи, секаде каде што од користољубивост, преку употреба на сила и закана, насилниците се обидувале да одземат подвижни предмети или пари. Разбојниците не ги поштедиле ниту мигрантите. При извршувањето на делата, сторителите најчесто користеле физичка сила. Според евиденцијата на МВР, во 2020 година имало помалку разбојништва во однос на претходната 2019 година, а статистичките податоци велат дека во текот на 2020 година биле регистрирани 264 кривични дела „разбојништво“, кои статистички бележат намалување од 18,8 отсто во однос на 2019 година, кога биле регистрирани 325 разбојништва. Најголем број разбојништва биле извршени во главниот град, а најмалку биле регистрирани во Куманово. Она што исто така е евидентно е дека повеќе разбојништва биле расветлени во 2020 година во однос на 2019 година.
Најголемиот број од кривичното дело „разбојништво“ како случаи се регистрирани на подрачјето на СВР-Скопје – 161 и истите тие се намалени за 28,4 отсто во однос на 2019 година, кога беа регистрирани 225, потоа 21 разбојништво на подрачјето на СВР-Струмица, 20 на подрачјето на СВР-Битола, СВР-Штип – 18, СВР-Велес – 15, СВР-Охрид -11, СВР-Тетово -10, како и осум разбојништва на подрачјето на СВР-Куманово. По преземените мерки и активности, кривично се пријавени 170 сторители, при што е постигната ефикасност во расветлувањето на делата од 43,6 отсто и претставува неоспорно зголемување во ефикасноста во споредба со 2019 година, кога таа изнесувала 36,9 отсто. Исто така, според местото на извршување, 76 од разбојништвата се извршени на отворен простор, односно се работи за улични разбојништва, потоа следуваат разбојништвата извршени во куќи и станови – 38 случаи, како и 30 случаи во казина и спортски обложувачници. Понатаму, во маркети и продавници се извршени 29 разбојништва, 21 кривично дело се извршени во аптеки, по пет разбојништва имало на бензински пумпи и над мигранти, а во по четири случаи на банки и во возила итн. Инаку, најголем број разбојништвата се извршени со употреба на физичка сила – информираат од МВР.
Не многу одамна разбојништво беше извршено во Битола, откако разбојникот пресретнал немоќна жена и се понудил да ѝ помогне за да стигне во нејзиниот дом. Кога двајцата пристигнале пред нејзината врата, им отворил нејзиниот сопруг, а тој пак за да возврати за неговото добро дело го поканил дома. откако разбојникот под перницата на домаќинот забележал паричник, му го одзел, физички ги нападнал и избегал со одземени 12 илјади денари.
Што пишува во кривичниот законик
Ова кривично дело во Кривичниот законик е систематизирано во поглавјето на кривичните дела против имотот. Како сложено кривично дело, во себе ги има елементите на насилство преку употреба на сила и закана, одземање подвижни предмети, организираност, масовност, намера за користољубивост… Објекти што се најчесто цел на разбојниците се менувачници, банки, бензински пумпи, златарски продавници, угостителски и трговски објекти, при што на жртвите на разбојништво често им се нанесуваат повреди. Во извршувањето на кривичните дела, разбојниците, како по непишано правило, на своите глави користат маскирни капи, таканаречени фантомки, оружје, како и однапред подготвено превозно средство за побрзо напуштање на местото на инкриминираниот настан.
Членот 237
(1) Тој што со употреба на сила или закана дека непосредно ќе нападне врз животот и телото на друг ќе одземе туѓ подвижен предмет со намера противправно да го присвои, ќе се казни со затвор најмалку една година.
(2) Ако вредноста на одземениот предмет е од големи размери, сторителот ќе се казни со затвор најмалку четири години.