Семејството Тасевски од населеното место Туденце синоќа остана речиси без целиот дом откако пламените јазици целосно го зафатија вториот кат на куќата. Во пожарот изгоре целата нивна покуќнина и облека. За него во Територијалната противпожарна единица Тетово било пријавено помеѓу 22 И 23 часот од страна на жители на селото и вработени во Полициската станица Јегуновце. Екипи на пожарната со 4 возила И седум пожарникари за кратко стигнале на местото.

-Видовме дека куќата беше опколена во пламен, се боревме околу 2 до 3 часа додека да го ставиме под наша контрола. По кажување на жителите, станува збор за гром кој удрил во трасформаторот и дошло до спој во куќата. Ова е една голема катастрофа, каде сопствениците имаат голема материјална штета, зашто изгорена е целата покуќнина и сите работи горе, пеплосан е целиот кат, вели Ука Алити – командир на Територијалната противпожарна единица Тетово.

Во моментот на избувнување на пожарот, сопствениците на куќата биле дома, на вториот кат. Слушнале силен удар и излегле надвор, по што забележале дека нивната куќа гори. За среќа, избегната е поголема катастрофа, пожарникарите успеале да ги спречат пламените јазици да се прошират во околните објекти кои се сосема блиску до зафатената куќа, вели Алити.

-Целата куќа беше во пламен. Интервениравме од сите страни, го опколивме пожарот, употребувајќи ги и нашите професионални скали, но и скалите од граѓаните на селото, и не допуштивме палмените јазици да се прошират. Оштетен е и долниот спрат зашто фрливме многу вода, раскажува тој.

Според информациите на Територијалната противпожарна единица Тетово, пожарите предизвикани од удирање на гром се чести при поголемо невреме. Во ваков случај упатуваат апел до граѓаните да останат присебни, зашто сосема малку е потребно да дојде до поголема катастрофа, како оваа во која семејството Тасевски од тетовското село Туденце остана без вториот кат на куќата.

А.С.