Увид во возило кое е дел од доказен материјал ќе се врши денеска во рамки на судењето за случајот „Монструм“ на Специјалното јавно обвинителство, за петкратното убиство на Смилковско езеро од 12 април 2012 година.

На претходните рочишта беше сослушан загрозен сведок, кој исказот го даде од друга просторија со мутиран глас и заматена слика.

Во своето сведочење, тој кажа дека на местото на настанот бил на 9-ти, 10-ти, 11-ти и 12-ти април, каде го видел „Голфот 3“ со затемнети стакла на повеќе различни локации, како и други две возила. Прашан дали вечерта бил на местото на настанот, сведокот кажа да, и потврди дека видел четири тела. Тој во судницата препозна неколкумина од обвинетите и ги опиша.
 
Одбраната изрази сомнеж во вистинитоста на неговите искази, бидејќи како што реагираа загрозениот сведок е конфузен во одговорите. Посочуваат дека на истото негово сведоштво била базирана и претходната пресуда за „Монструм“ што беше укината на Врховен суд, а предметот вратен на повторно одлучување

За петкратното убиство кај Смилковско езеро на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември лани ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.