Полициски службеници заедно со припадници на специјалната антитерористичка единица „Тигар“, го приведоа З.С.(57) од Охрид, успешно пресекувајќи уште еден меѓународен канал за транспорт на дрога од Албанија, во вкупна вредност од околу 300 илјади евра.

Приведениот, управувајќи патничко возило „мерцедес“ со охридски регистарски ознаки, се упатил во село Љубаништа, Охридско, со намера да изврши неовластено пренесување дрога и во близина на место викано Ушине од албански државјани преземал пет големи платнени торби во кои имало марихуана во различни пакувања, во вкупна количина од околу 100 килограми.

По ова З.С. се упатил по регионалниот пат Св.Наум кон Охрид, со намера дрогата неовластено да ја пренесе од Охрид за Скопје и поради финансиски долг да ја предаде на купувачи. Во 4.30 часот од страна на полициски службеници возилото било сопрено и при извршен преглед дрогата била пронајдена и одземена, соопшти портпаролката на МВР, Сузана Прањиќ Талевска.

Во координација со Јавен обвинител, охридската полиција поднесе кривична пријава до основното јавно обвинителство против З.С. од Охрид, поради постоење основано сомневање дека сторил кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, казниво по чл.215 ст.1 од кривичниот законик.