Отворена е истражна постапка против тројца браќа поради пукањето кон полициски службеник што се случи вчера во близина на градските гробишта во Велес.
Станува збор за лица на возраст од 43, 29 и 22 години, од кои едниот се сомничи за убиство во обид, а останатите за помагање. Од Обвинителството информираат дека со осомничените било и дете кое ја држело полициската службеничка да остане настрана и ја оневозможило да му помогне на својот колега.
Полицискиот службеник во СВР Велес заедно со негова колешка во цивилна облека вршеле работни задачи, поради зачестената појава на крадење на чанти и паричници од лица ги посетуваат гробиштата на своите блиски.
– На критичниот ден оштетените биле забележани од тројцата пријавени со кои било и едно дете. Тројцата пријавени се доближиле до оштетените, а едниот од нив физички го нападнал полицискиот службеник. Потоа му се придружиле и неговите двајца браќа. Во еден момент тие го турнале полицаецот на земја, па еден од нив се борел со него, додека другите двајца и задале неколку удари на неговата колешка. Детето ја задржувало оштетената да остане настрана и ја оневозможило да му помогне на колегата – информираат од Обвинителството.
Еден од осомничените му го одзел на полицаецот службениот пиштол и додека тој бил паднат на грб од пиштолот испукал три куршуми кон него, нанесувајќи му прострелни рани во пределот на стомакот и ногата.
– При испукувањето од пиштолот настанал застој, па полицаецот искористил момент да стане и да се оддалечи од местото на настанот. Осомничениот со пиштолот започнал да го брка и да трча по него, успеал повторно да го оспособи и репетира пиштолот и повторно испукал еден куршум во правец кон полицаецот – додаваат од Обвинителството.
До судија на претходна постапка при Основниот суд во Велес е поднесен Предлог за определување на мерка притвор за осомничените лица.