Само оваа 2021 година, заклучно со август, Министерството за внатрешни работи поднело 76 кривични пријави за сторени 88 кривични дела, за кои, пак, биле пријавени 129 сторители. Минатата година, пак, 178 сторители на кражба на дрвна маса ѝ направиле финансиска штета на државата за повеќе од 25 милиони денари.
За жал, пандемијата само дополнително придонесе за пораст на илегалната сеча на дрвата низ земјава и светот, а само прашање е колку најавеното поскапување на струјата ќе биде причина за дополнителен пустош на македонските шуми
ЕКОЛОШКИТЕ ФОРМИ НА КРИМИНАЛ СО ТЕШКИ ПОСЛЕДИЦИ ПО ЖИВОТНАТА СРЕДИНА
Еколошкиот криминал е најдеструктивна форма на девастација на природната околина и животната средина. Уништувањето на природата, нејзиното загадување и сечењето на дрвјата се само мал дел од формите на човечките поведенија санкционирани како екозлосторства, за кои потоа плаќаме сите ние како жители на планетата Земја. За жал, и покрај порастот на свесноста и сознанијата од лошите влијанија што ги предизвикуваат ваквите поведенија, сепак продолжува обесчестувањето на природните богатства и убавини и сето она што природата ни го дава за да можеме да имаме здрав и спокоен живот. За жал, дури и Интерпол мака мачи со справувањето со овој вид криминал. Еколошкиот криминал е предизвик за сите власти, локални или централни, независно за кој дел од Земјата станува збор и независно дали станува збор за сиромашна или богата нација. Сите се справуваме со сериозните последици од непромислените обиди за лесна и брза заработка.
СЕПАК, ИМА НАПРЕДОК ВО БОРБАТА ПРОТИВ ИЛЕГАЛНАТА СЕЧА
Само во 2019 година, глобалните и регионалните операции за спроведување на законот на Интерпол насочени кон нелегалната сеча и криминалот со дивиот свет доведоа до приближно дваесет илјади заплени, односно 2.550 кубни метри дрва, 600 апсења, 420 инциденти, од кои 178 земји поврзани со ЛЕАП, вклучувајќи ги Перу, Еквадор, Бразил, Колумбија, Индонезија, Папуа Нова Гвинеја, Виетнам, Народна Демократска Република Лао, Тајланд и Камбоџа.
Целните напори за спроведување на законот може да помогнат да се запре тропското уништување на шумите. Новите резултати од меѓународната коалиција за борба против нелегалното уништување на шумите покажуваат дека со доволна посветеност, таквите напори може да одиграат клучна улога во придвижувањето на земјите кон ветувањето познато како ЦОП26, за ставање крај на уништувањето на шумите до 2030 година.
Меѓународната коалиција предводена од Интерпол и УНОДЦ, заедно со националните власти во Папуа Нова Гвинеја (ПНГ), придонесе за значителен пад на целокупното уништување на шумите во 2020 година во споредба со 2014-2018 година, што претставува неколку илјади хектари прашума зачувани во 2020 година во оваа земја. Намалувањето се случи во рок од само три години по почетокот на програмата за помош на коалицијата за спроведување на законот (ЛЕАП), поддржана од Норвешка.
– Како и другите форми на еколошки криминал, незаконското уништување на шумите често се случува рака под рака со други прекршоци, како што се корупцијата и перењето пари. Преку ЛЕАП, ние охрабруваме поголема соработка меѓу органите за спроведување на законот во светот за да ги попречат криминалните мрежи зад овие злосторства и да помогнеме да се обезбеди поддршка за ветувањето ЦОП26 – изјави Јирген Сток, генерален секретар на Интерпол, најголемата светска полициска организација, со 195 земји-членки.
Како што истакна Гада Вели, извршна директорка на Канцеларијата на ОН за дрога и криминал, ЛЕАП ги поддржува координираните одговори на кривичната правда потребни за да се помогне во исполнувањето на ветувањето преземено на климатскиот самит ЦОП26 за ставање крај на уништувањето на шумите до 2030 година.
Финансиските истраги се исто така дел од ЛЕАП, заедно со теренските операции. Во една земја партнер, единиците за финансиско разузнавање под менторство на ЛЕАП идентификуваа даночно затајување и измама поврзани со шумарскиот сектор во вредност до два милијарди американски долари. Ова доведе до издавање неколку даночни казни за сторителите и формални предупредувања издадени до големите банки осомничени дека се вмешани во финансиски криминал поврзани со шумарскиот сектор.
– Нелегалната сеча и другите еколошки злосторства ги уништуваат природните живеалишта, го убиваат дивиот свет и ги загадуваат екосистемите. Следејќи ги валканите пари, органите на редот можат да ги спречат криминалните банди, кои заработуваат милијарди од ограбувањето на нашата планета. Работната група за финансиска акција ФАТФ ги повикува сите влади да ни помогнат да ги извадиме парите од криминалот во животната средина и објави извештај оваа година за да им помогне на органите на редот да откријат такви случаи – изјави д-р Маркус Плејер, претседател на ФАТФ, глобален надзорник за перење пари и финансирање тероризам и поставувач на стандарди.
НЕПОПРАВЛИВА ЛИ Е ШТЕТАТА ЗА МАКЕДОНСКИТЕ ШУМИ
На почетокот на минатата година, „Евротинк“ објави истражување според кое околу 60 милиони евра годишно губи државата од бесправната сеча на шумите, но загрижува фактот што оваа појава наместо да почне да се искоренува, од година на година зема уште поголем замав.
На раширената појава на пустошење на шумите во голем дел влијаат сиромаштијата и неодговорноста на самото население, но најмногу неодговорниот однос на надлежните, кои долги години постојано се соочуваат со истиот проблем, а ништо не прават да го решат.
Само оваа 2021 година, заклучно со август, Министерството за внатрешни работи поднело 76 кривични пријави за сторени 88 кривични дела, за кои, пак, биле пријавени 129 сторители.
Од нив, три се правни субјекти, а евидентирана е бесправна сеча на дрвна маса во количество од 1.057,7 кубни метри. Подрачја каде што најмногу е евидентирана бесправна сеча во 2021 година се СВР-Охрид, 33 случаи, и СВР-Куманово, 20 случаи.
Минатата година, пак, 178 сторители на кражба на дрвна маса ѝ направиле финансиска штета на државата за повеќе од 25 милиони денари.
За жал, пандемијата само дополнително придонесе за пораст на илегалната сеча на дрвата во земјава и светот, а само прашање е колку најавеното поскапување на струјата ќе биде причина за дополнителен пустош на македонските шуми.