Ивица Наумовски од Секторот за оператива и логистика во Дирекцијата за заштита и спасување
Дирекцијата за заштита и спасување и опсервацијата „Флориан“, здружение на пензионирани искусни пожарникари, направиле пилот-проект на територијата на Свети Николе, Тетово и Штип каде што тестирале како функционира систем за командување на терен, кој е насочен кон оние што пристигнуваат први, таканаречени респондери, полиција, пожарна и брза помош. Откога го завршиле ова, извлекле поука дека треба да се формира систем за командување на терен.
– Токму затоа ги поканивме сите тогашни државни секретари на Министерството за внатрешни работи, од здравството и претставници на локалната самоуправа и ЗЕЛС и им презентиравме што точно се добива со овој систем за командување. Сите се согласија дека тоа ни е потребно и се нафатија да се изработи правилник во кој ќе се дефинира точно кој во кој случај ќе биде надлежен. За да биде ова појасно ќе посочам со пример, ако станува збор за тероризам, тогаш се знае дека полицијата ќе ја води операцијата, а пожарникарите и здравствените работници ќе слушаат команди. Во случајов со автобуската несреќа, пожарникарите беа тие што ја водеа операцијата, а сите други слуша наредби. Во оваа несреќа кај Ласкарци пожарникарите и беа тие што први дојдоа. Луѓето што се нашле на местото на несреќата во паника не го знаеле бројот на противпожарната служба. Поради непостоење на 112, универзалниот ЕУ-број, повикот за помош стигна кај пожарникарите во Тетово и тие први стигнаа, а потоа нивните колеги од Скопје. Бројот 112 треба да биде имплементиран до крајот на годинава. Ние како Дирекција за спасување добивме информација благодарение на колега, кој случајно со автомобил возел зад автобусот. Ако не бил тој, којзнае колку броеви ќе се свртеле – вели Ивица Наумовски од секторот за оператива и логистика во Дирекцијата за заштита и спасување.
Тој додава дека Дирекцијата за заштита и спасување последна излегува на терен, откако ресурсите на локалната самоуправа ќе бидат потрошени. Нивните тимови за брз одговор мора да се јават на мобилизациското место најдоцна за три часа, но, секако, може да стигнат и за половина час.
– По закон не смееме да сме први. И на претходната и на сегашната влада дававме сугестии да биде формирано оперативно тело за командување на терен. Има некои заклучоци на Владата и до јуни би требало да се знае кој и како е надлежен за ваков тип несреќи. Секоја чест на населението што помогна при автобуската несреќа, но работата докрај требаше да ја завршат професионалци. Не може некој со скршен ’рбет да биде спасуван од некој непрофесионалец, затоа што може да остане инвалид или да заврши со смртни последици – вели Наумовски.