Обвинетиот поранешен градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски, пред воведниот говор пред судот се пожали на намалена концентрација. Посочи дека на кратко ќе образложи како ќе се брани во постапката, за потоа, да каже дека обвинителниот акт е политички монтиран. Тој тврди дека Општина Гази Баба и тој постапувале законски.
– Не бев подготвен за воведен говор, мислев за вината ќе зборуваме. Гледам нови поротници – рече Трајковски, а адвокатот Страшевски му потшепна „ќе ти истече времето”, алудирајќи на тоа што претходно судијата Ставрев ограничида го заврши говорот за седум минути.
Трајковски рече дека сакал да направи поврзување меѓу „Рекет” и „ТНТ”. Тој посочи дека бил да се пријави кај Вилма Русковска како оштетен сведок, за да даде изјава за парите кои оштетениот Ардијан Амзоски ги дал на „Меѓународен сојуз”, но се пожали дека не го викнале.
– Не ме викаат да дадам изјава. Еве, не ме викаат. Сакам да дадам изјава – рече Трајковски.
Обвинетиот е дециден дека пред судот со докази ќе докаже невиност.
– Во оваа судска постапка ќе се докажеме дека обвинителниот акт кој е поднесен од страна на сега обвинетата Катица Јанева е комплетно политички монтиран и сигурно ќе докажеме дека во таа политичка конструкција има многу чинители. Ова го говорам надоврзуајќи се на обвинителот Бурим Рустеми кој преку медиумите потенцираше дека во исти момент два обвинителни акта не можат да опстојат. Ова Обвинителство во 2011 година кога ги имаше речиси истите докази како и сега, ќе докажеме дека одлучило оти законски сме постапувале, а незаконски постапувал инвеститорот за што ова исто Обвинителство по спроведена истрага поднело обвинителен акт до овој Кривичен суд и тој бил прифатен и процесуиран со закажани судски рочишта против инвеститорот. Ќе докажеме дека преку конструкција на еден обвинителен акт, веројатно политички мотивиран се сака да се докаже нешто што е спротивно на законот, иако, во минатото сите учесници во изградбата потврдија со документација дека со умисла го сториле делото бесправно градење – рече Трајковски.