Судењето за уривањето на комплексот Космос, „ТНТ“ на СЈО продолжува со сослушување на сведоци предложени од одбраната, откако судечкиот совет го отфрли барањето на одбраната за одложување на главната расправа до целосно решавање на состојбата со специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која е во притвор како осомничена за случајот „Рекет“.
Претседателот на судечкиот совет, судијата Огнен Ставрев, рече дека барањата за изземање на Катица Јанева и Бурим Рустеми се отфрлаат. Судијата Ставрев посочи дека судечкиот совет донел одлука дека барањата за изземање на јавниот обвинител за судот е недозволиво и со оглед на тоа што не може да се одлучува по нив единственат цел е одложување на постапката.
– Судот смета дека ваквото барање е неосновано, со оглед дека станува збор за специјален јавен обвинител, кој согласно закон има целосна автономија – изјави Ставрев.
Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Огнен Ставрев, а застапник на обвинението е Бурим Рустеми. Одбраната, пред почетокот на денешното рочиште, побара прекин на постапката до целосно расчистување на состојбата со СЈО Катица Јанева.
Адвокатот Дончо Наков рече дека јавниот обвинител Бурим Рустеми е сослушан сведок за „Рекет“ и не може да ја застапува Јанева, која е во притвор.
Јавниот обвинител Бурим Рустеми, пак, рече дека се додека не е официјално прекинат мандатот на Катица Јанева, тие имаат право да ги застапуваат предметите.