Со слушање на дел од останатите над 900 „бомби“ денеска во Кривичниот суд во Скопје продолжи судењето во предметот „Титаник“ на Специјалното јавно обвинителство, во кој на обвинителна клупа се седнати повеќе поранешни функционери.
Судењето го води судијата Осман Шабани, а во судницата се присутни сите обвинети, како и застапникот на обвинетието, специјалната обвинителка Лиле Стефановска.
На почетокот на денешното рочиште одбраната побара од судот да се нотира дека во судницата е присутен технички советник и воедно побара увид во ЦД-то од кое се репродуцираат разговорите. СЈО на тоа возврати дека можат да дојдат во Обвинтелството каде тоа ќе им биде овозможено.
По овие почетни забелешки судењето продолжи со слушање на „бомбите“. Слушањето на „бомбите“ почна во четвртокот, а продолжи во петокот со преслушување на 106 од вкупно 1.063 „бомби“.
Досега на снимките се слушнаа разговори меѓу поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, поранешниот министер за транспорт Миле Јанакиески, поранешниот министер за финансии Зоран Ставрески, шефот на Кабинетот на поранешниот премиер Мартин Протуѓер и други лица околу изборната кампања за изборите во 2013 година.
За предметот „Титаник“, СЈО има поднесено 5.910 материјални докази и предложено 191 сведок.
Обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски и поранешните функционери Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.
Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година.