Тинејџер ја создал затворената група „Јавна соба“ на социјалната мрежа „Телеграм“ на која беа објавувани фотографии со интимна содржина на малолетни лица, според неофицијални информации кои ги пренесуваат повеќе македонски медиуми.
Полицијата, наводно, му влегла во трага на администраторот, а ги обезбедила и телефонските броеви на членовите на групата.
Фотографии од малолетни девојчиња од земјава со интимна содржина, видеа на раб на порнографија се споделуваа до вчера во затворената група „Јавна соба“ креирана на апликацијата „Телеграм“, која до тогаш броеше над 7.400 членови.
Според коментарите се претпоставува дека се работи за деца што одат во основно и во средно училиште, но во групата има и возрасни.
Сите членови се со псевдоними меѓу кои има имиња на ликови од филмови, како и на актуелни политичари.
МВР уште завчера го вклучи алармот. Се бара администраторот и кој се членувал во групата но и колку време постоела.
Надлежните упатија апел до наставниците и до родителите да обрнат поголемо внимание што прават нивните деца.