Тетовскиот суд одлучи дека гинекологот Казимир Копривњак не е виновен за смртта за 33-годишната родилка Виолета Кировска која почина во август 2015 година. Судијата вели дека одлуката е донесена врз основа на три стручни вештачења.

-Вештачењата покажуваат дека докторот не го сторил кривичното дело – тешки дела против здравјето на човекот за кое се товари, образложи судијата Садула Изаири кој го водеше предметот.

-Имаме голема основа за жалба. Во сите три вештачења се нотирани неколку пропусти на докторот, кои не се земени во предвид при донесување ослободителна пресуда, изјави Милан Ивановски адвокат на оштетената страна, сопругот и мајката на Виолета.

Од друга страна адвокатот на обвинетиот Копривњак, Гоце Ристевски изјави дека ваквата одлука била очекувана.

Мајката на почината родилка со плачење ја проследи изрекувањето на пресудата.

-Што да кажам, сметам дека целиот судски процес беше лакрдија и наместен од повеќе институции во земјава-рече Славица Михајлова, мајка на родилката Виолета Кировска.

Во обвинителниот акт стои дека гинекологот на 19.8.2015 година при породувањето на Виолета Кировска не презел превентивни мерки за заштита од настанување на тешки последици, односно доволно крвни деривати за да биде подготвен за можно искрварување од матката. Исто така кога имало крварење, не презел хистеректомија отстранување на матка како извор на крварењето туку чекал неколку часа за таква интервенција. Потоа Виолета паднала во коматозна состојба и починала шест дена подоцна. За нецел месец починало и нејзиното новороденче.

А.С.