Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против три лица кои нападнале шест полициски службеници кои повикале пајак служба да острани неправилно паркирано возило сопственост на еден од обвинетите.
-Обвинети се татко и неговите два сина, кои на 15 септември годинава на панаѓур во населба Шуто Оризари, заедно нападнале и телесно повредиле шестмина униформирани полициски службеници од ПС Чаир кои заради нормално одвивање на сообраќајот, повикале пајак-служба која пристигнала и пристапила кон отстранување на автомобилот „фолксваген пасат“, сопственост на еден од обвинетите. Тој влегол во возилото, го стартувал и тргнал напред, при што удрил во оштетените полицајци, нанесувајќи им телесни повреди – информираат од ЈОРМ.
Еден полициски службеник преку отворениот прозорец се обидел да го отклучи автомобилот и да го спречи обвинетиот во натамошните дејствија. Обвинетиот излегол од возилото и заедно со брат му и уште неколку други непознати лица физички ги нападнале полициските службеници, удирајќи ги со тупаници по главата и телото и нанесувајќи им телесни повреди.
Откако на помош пристигнале и други полицајци и обвинетите биле обезбедени, пристигнал нивниот татко, кој исто така започнал физички да се пресметува со полициските службеници.