Со вкрстено испрашување од одбраната на „свиркачот“ Ѓорѓи Лазаревски, од МВР, во Кривичниот суд почна денешното рочиште за предметот Таргет-Тврдина на СЈО.
Лазаревски денеска е испрашуван од адвокатот на Мијалков, Љупчо Шврговски, а на почетокот од своето сведочење тој кажа дека во своето работење во Петата управа во МВР бил под постојан мобинг од Горан Грујовски, иако негов надреден бил Небојша Стајковиќ.
На прашање од Шврговски зошто бил унапреден во главен инженер ако бил под мобинг, Лазаревски рече дека тоа било направено во 2012 година заради успешното воведување на системот за интегрирана гранична контрола и на барање на ЕУ. Претходно, во 2006 година, тој бил деградиран за пет скалила, а тоа е периодот веднаш по доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ.
– Цел ми беше да се докажам како професионалец и не ми беше битно што има во системот, рече Лазаревски и додаде дека го предал системот и опремата за прислушување во септември 2006 година. До тогаш бил началник, кога опремата ја оставил во функционална состојба.
Лазаревски во Оперативниот систем влегол со лозинка и корисничко име и го ископирал тоа што му требало. За корисничко име го искористил главниот администраторски влез во системот.
– Никаква друга активност во системот не направив, освен копирањето на посочените логови, потенцира Лазаревски.
Системот за следење бил набавен во 2000 година и логовите биле незаштитени за администраторот, бидејќи бил пионерски модел на Веринд и за да биде конкурентен бил жртвуван дел од безбедноста.
Директно запрашан Лазаревски рече дека првпат неовластено влегол во системот во 2008 година. При тоа го употребил корисничкото име на главниот администратор што го користел уште од 2000 година.
-Го искористив моментот што тоа корисничко име не беше сменето, потенцира Лазаревски.
Во предметот Таргет-Тврдина обвинети се поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешните шеф на УБК Сашо Мијалков, началник на Петтата управа Горан Грујовски, заменик-началник Никола Бошкоски, шеф на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов и уште пет други лица од Управата.
Тие се товарат за незаконско следење на комуникациите во периодот од 2008 до 2015 година.