Специјалното јавно обвинителство преку соопштение информира дека новообјавните бомби споделени од профилот на „Фејсбук“ не потекнуваат откај нив.
-Новообјавените разговори објавени од Фејсбук профилот со псевдоним „Ел Чека” не потекнуваат од Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. Во оваа смисла, ја уверуваме јавноста дека сите аудио материјали со кои располага ова Јавно обвинителство се чуваат под строго пропишани безбедносни процедури кои опфаќаат физичка, административна и информатичка безбедност на информациите- пишува во соопштнието.
Од Обвинителството информираа дека при анализа и обработката на материјалите се постапува согласно со воспоставените интерни правилници и процедури за евидентирање на процесот на преслушување и обработка на материјалите, како и обврската за целосно почитување на принципот на тајност и заштита на приватноста на граѓаните и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот.
-Повторно потенцираме дека ова Јавно обвинителство ја гарантира единствено безбедноста на сите аудио материјали со кои располага и во оваа прилика, како и повеќе пати досега, ги повикуваме сите субјекти кои поседуваат аудио материјали кои се предмет на незаконско следење на комуникациите истите да ги достават до Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите- информира СЈО.