Во февруари минатата година германските власти забележале сомнителни нарачки на банкомати од германска компанија. Биле воведени специјални мерки за надзор, кои ги одвеле истражителите во Холандија, каде што 29-годишен поединец и неговиот 24-годишен соучесник воделе илегален центар за обука за напади на банкомати. Таму, двојката нарачувала различни модели на банкомати и снимала упатства за тоа како најефикасно да ги разнесат. Токму во еден обид да снимат како разнесуваат банкомат, 29-годишниот криминалец се разнел додека го снимал видеото со упатства, а неговиот соучесник, 24-годишното момче, завршил со сериозни повреди, по што му следувала и затворска казна. Целиот инцидент се случил минатата година, а криминалците им ги давале снимените видеа на други криминалци за да научат како да ги реализираат кражбите
„Бомбастични“ КРАЖБИ НА БАНКОМАТИ
Со напреднувањето на технологијата, сериозно напреднаа и обидите и начините за реализација на кражбите од страна на криминалните групи. Заклучокот на полициските власти од целиот свет е јасен: порастот на кражбите, особено на оние што се лесни за реализација и особено во изминативе речиси две години откако почна пандемијата, е евидентен. Сега криминалците се сѐ посмели, не се плашат да употребат ниту оружје, а неретко и експлозиви за да дојдат до својата брза и лесна заработка. За реализација на таквите планови, најлесни цели се банкоматите, за кои посебно внимание обрнаа и властите од европската полиција Европол, бидејќи евидентно е зголемен бројот на експлозивни напади на банкоматите и во Европа, особено во Германија и во Холандија. Криминалците отишле чекор подалеку, снимајќи упатства (туторијали) за тоа како најлесно да се минира и разнесе банкомат.
СЕ МЕНУВА МОДАТА НА ОГРАБУВАЊЕ БАНКОМАТИ
Неодамна „Нова Македонија“ пишуваше на темата за кражба на банкомати и за тоа дека оваа криминална активност е сѐ позачестена во земјава и во светот.
За жал, и Европол ја потврдува ваквата теза, бидејќи ограбувањето на банкоматите е една од најлесните криминални активности што крадците можат да ја реализираат во речиси кој било период од денот.
Сепак, новитет е тоа што криминалците во последно време не се обидуваат математички да ги збунат компјутерските системи на автоматите за пари, туку едноставно поставуваат експлозиви и ги разнесуваат. Значи тие повеќе не користат разни компјутерски алатки, туку набавуваат експлозиви на црниот пазар и ги разнесуваат, причинувајќи не само материјална штета туку и сериозен ризик од убивање голем број луѓе.
Неодамна, заеднички истражен тим помеѓу холандските и германските власти собори организирана криминална група специјализирана за експлозивни напади на банкомати. Вкупно девет осомничени беа приведени како резултат на оваа осумнаесетмесечна истрага, координирана од Европол и од Европравда.
Како што информираат од Европол, криминалците изработувале чекор по чекор упатства за тоа како да разнесат банкомати. Осомничените се поврзуваат со најмалку 15 напади на банкомати во Германија.
Тие употребувале рачно изработени експлозивни направи, што претставува сериозен ризик за жителите и случајните минувачи.
Истрагата била почната во февруари минатата година кога германските власти забележале сомнителни нарачки на банкомати од германска компанија. Биле воведени специјални мерки за надзор, кои ги одвеле истражителите во Холандија, каде што 29-годишен поединец и неговиот 24-годишен соучесник воделе илегален центар за обука за напади на банкомати. Таму, двојката нарачувала различни модели на банкомати и снимала упатства за тоа како најефикасно да ги разнесат.
Токму во еден обид да снимат како разнесуваат банкомат, 29-годишниот криминалец се разнел додека го снимал видеото со упатства, а неговиот соучесник, 24-годишното момче, завршил со сериозни повреди, по што му следувала и затворска казна. Целиот инцидент се случил минатата година, а криминалците им ги давале снимените видеа на други криминалци за да научат како да ги реализираат кражбите.
Во рамките на оваа истрага, исто така, биле воспоставени врски помеѓу оваа криминална организација и најмалку 15 напади на банкомати во Германија. Вкупната штета, вклучувајќи ги и пленот и материјалната штета, се проценува на приближно 2.150.000 евра.
Истрагата кулминира со серија полициски рации на 28 септември, за кои двајца експерти на Европол беа распоредени на терен. Во Холандија беа извршени седум претреси на куќи во градовите Утрехт, Амстердам и Хаг, што резултира со апсење на тројца осомничени. Овие три лица во моментов се во притвор во Холандија и треба да бидат екстрадирани во Германија.
ЗГОЛЕМЕНА ЗАГРИЖЕНОСТ НА ЕВРОПОЛ
Експлозивните напади на банкомати претставуваат сѐ поголема загриженост, бидејќи тие често ги ставаат во опасност животите на локалните жители и минувачите. Со цел да се спречи и да се справи со овој вид криминал, најважна е тесната соработка помеѓу органите на прогонот и индустријата за банкомати. Во овој поглед, Европол и Европската мрежа за превенција од криминал (ЕУЦПН) работеа на голем број препораки за спречување физички напади против банкомати.
Според извештајот на Европол, само во 2017 година, кражбите на банкомати предизвикале штета поголема од 30 милиони евра во Европа, а најранливи се банкоматите поставени на поизолирани места каде што фреквенцијата на луѓе и возила е значително помала. Сепак, заклучокот е дека криминалците ја прошируваат својата мрежа со значително зголемување на ваквите напади.
– Иако стапката на успешност на ваквото ограбување на банкоматите е еден наспрема три, сепак, и кога обидот е неуспешен, штетата предизвикана од експлозијата на објектите е голема, а дополнително е и ризична за жителите и минувачите. Со брзорастечкото темпо на онлајн банкарството, многу банки ќе ги затворат своите експозитура, ориентирајќи се само кон банкоматите, што може да биде дополнителна причина за пораст на ваквиот вид кражби – се вели во извештајот.
Минатата година во Германија биле регистрирани повеќе од 400 разнесувања на банкомати во земјата, со што 2020-та е година рекордер во вакви криминални дела.
Претходно рекорден број разнесувања имало во 2018 година, кога биле разнесени 370 банкомати, а во 2019-та биле разнесени 349 банкомати.
Дури во 160 од случаите на разнесување, криминалците успевале да ја постигнат целта и да дојдат до парите во банкоматите и да ги украдат. Во другите случаи криминалците и немале многу среќа, односно не успеале до тој степен да ги оштетат банкоматите за да ги ограбат.
Најголемиот дел разнесени банкомати се во Северна Рајна-Вестфалија, а најактивните криминалци на ова поле се од Холандија, Романија и од Молдавија.
МАКЕДОНСКИТЕ КРИМИНАЛЦИ СЀ УШТЕ СЕ ДРЖАТ ДО СТАРИТЕ МЕТОДИ
За среќа, Македонија нема регистрирано случаи на разнесување банкомати. Нашите криминалци не го следат „модниот тренд“ од европските земји.
Кај нас има случаи на откорнување и крадење на цели банкомати од објектите каде што се поставени.
Таков случај имаше летово во скопски Аеродром, каде што четворица криминалци со примена на физичка сила успеале да украдат банкомат од маркет од оваа скопска населба.
Другите обиди за кражби се традиционални, со користење разни алатки за отворање на банкоматите.
Модниот тренд за експлозивно ограбување на банкоматите пристигна и во соседството. Летово, случај на ограбување со разнесување беше забележан во Хрватска, каде што страшната детонација ги потресе жителите на Загреб, кога криминалците се обиделе да ограбат банкомат со помош на експлозија. За среќа, во инцидентот немаше повредени, а причинета беше огромна материјална штета, бидејќи по детонацијата изби голем пожар во продавницата каде што бил и банкоматот.