Откако по паузата обвинетиот Тони Трајковски не се појави на судењето за предметот „ТНТ”, судијата Огнен Ставрев, го одложи судењето и изрече наредба на утрешното судење Трајковски да биде стражарно спроведен со полиција.
– Обвинетиот Тони Трајковски бил отпуштен во општа здравствена состојба – рече судијата, читајќи го документот добиен од здравствената установа каде Трајковски бил примен.
Судењето од минатата недела поради истек на мандатот на поротничката, се одвива со забрзано темпо и со рочишта кои траат по повеќе од 8 часа. Денеска требаше на прашања на обвинителот Бурим Рустеми, да одговара Миле Јанакиески.
Тони Трајковски синоќа бил претепан со видливи повреди на главата и телото, по што бил пренесен на Ургентниот центар во Скопје.
Предметот „ТНТ“ се однесува на уривањето на станбено-деловниот комплекс „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски. Меѓу обвинетите се поранешниот премиер Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, како и поранешниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски. Според обвинението, тие во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски.