Судија на претходна постапка го одби барањето на Основното јавно обвинителство Скопје да му биде одредена мерка притвор на ексдиректорот на Централниот регистер, Андреја Поповски, кој вчера беше приведен поради злоупотреба на службената положба и овластување.
– Судија на претходна постапка го прифати предлогот на одбраната на лицето кое беше спроведено во Основниот суд Скопје 1 по пријава на Финансиската полиција, за определување гаранција со мерка за претпазливост. Согласно член 146, став 1, точка 2, 3 и 6 одреди обврска лицето да се јавува во Судот, привремено одземање на неговата патна исправа и забрана за воспоставување контакт со одредени лица поврзани со кривичното дело – соопштија од Основниот кривичен суд.
Од обвинителството соопштија дека во периодот од декември 2014 година до мај 2017 година Поповски усно наредил една вработена да биде евидентирана како редовно присутна на работа во месечните листи кои ги изготвувало Одделението за човечки ресурси, иако бил свесен дека цело време вработената воопшто нема да доаѓа на работа, туку ќе биде ангажирана за партиски активности на една политичка партија.