Во кривичниот суд утрово продолжи судењето за предметот ,,ТНТ” на СЈО. Беше сослушан вештакот Орце Симев предложен од обвинетите. Вештакот, кој е професор на меѓународниот славјански универзитет „Гаврило Романович Державин” го испрашуваше обвинетиот Миле Јанакиески, особено за смс-пораките во СЈО кои заедно со прислушуваните разговори се дел од доказите во случајот.
Симев на прашањето на Јанакиески на кој начин може да се следат комуникациите, одговори дека тоа може да биде законски и незаконски. Незаконското следење на комуникациите, според него, можело да се направи на пет начини, а еден од нив бил преку мобилниот телефон марка Нокиа 3310.
– Тој телефон се поврзува со компјутер и може да се следат комуникациите за кој било број – рече Симев.
Петтиот начин на прислушување вештакот го дознал во септември, кој бил објавен во извештај во светски рамки.
Јанакиески го претстави вештакот Симев пред судот како експерт за следење смс-комуникација и го прашуваше конкретни прашања за GSM, и енкрипција на комуникацијата.
Меѓу седумтемина обвинети за овој предмет, кој е во фаза на доказна постапка, се поранешниот премиер, Никола Груевски, ексминистерот за траснпорт и врски Миле Јанакиески и ексградоначалникот на општина Гази Баба, Тони Трајковски.
Обвинетите во 2011 сториле кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување, од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски.
Со постапката на уривање на објектот била предизвикана штета од 16 милиони евра, а на буџетот на општина Гази Баба уште три милиони денари. Цаноски и фирмата ФИМЕТ најавија дека ќе поднесат побарувања за причинетата штета.