Во Кривичниот суд во Скопје, денеска, на рочиштето за случајот „Монструм“, од страна на судијата Огнен Ставрев беше испрашуван сопственикот на сервисот каде што бил растурен за делови „мерцедесот“ од кој биле земени регистарските таблички и ставени на автомобилот „oпел омега“, кој бил користен од страна на сторителите на делото. Сведокот изјави дека не забележал дека нема регистарска табличка на возилото сè додека не му се јавил првиот сопственик кај кого се обратила полицијата, која го побарала возилото.
-Возилото го купив за делови, не го префрлив од првиот сопственик. Тој ми се јави на телефон и ми рече дека му се јавиле од полиција и го барале возилото. Тогаш дознав дека возилото нема таблички. Тој автомобил со шлеп-служба го пренесов на фарма на патот за Арачиново, каде што имав 20-ина растурени возила за резервни делови. По затворањето на сервисот, сите возила ги однесов на отпад-рече сведокот.
Втор сведочеше сопственикот на „мерцедесот“, кој рече дека во 2004 година го продал возилото регистрирано со регистарски ознаки СК 499 МТ. Запрашан кога дознал дека ги нема табличките, одговори дека полицијата дошла кај него дома додека тој бил на пат, па по телефон објаснил дека возилото го продал на сопственик на сервис на пластичарската улица во Скопје.
Како сведок беше сослушан и вработен во „Македонски телеком“, кој изготвил табеларен приказ на сообраќајот на базните станици околу Смилковското Езеро. Тој рече дека само изработува, односно генерира извештаи, и дека не е техничко лице и не може во детали да објасни за функционирањето на базните станици. Тој посочи дека за тоа треба да се поднесе барање до „Телекомот“, од каде што ќе им биде посочено лице што може да им даде одговор.
За петкратното убиство кај Смилковското Езеро на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.
Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.