Судењето за предметот „Тортура“ се одложи поради болест на судијката Александра Ристеска, соопшти на денешното рочиште нејзината колешка Ленка Давиткова. Но, на прашање на обвинителот Љубомир Лапе по рочиштето, дали има промени во составот на поротниците, дактилографката во судницата рече дека има.
Тоа значи дека судењето по речиси две години почнува од почеток со целосно сослушување на сите сведоци досега.
Во „Тортура“ СЈО ги обивини ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, поранешниот прв човек на единицата „Алфи”, Ивица Антевски Пуки и уште петмина „алфи“. Специјалното јавно обвинителство ги гони за мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување за начинот на апсење на лидерот на Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи Љубе Бошковски во 2011 година, ден по предвремените парламентарни избори.
Првото рочиште за предметот се одржа на 28 февруари 2018 година, а досега беа сослушани десетина сведоци. Следното рочиште е закажано за 22 октомври.