Во Кривичниот суд во Скопје на 18 март, со испитување на геодетот Роска Паческа, од страна на обвинителството, продолжува судењето за преметот „ТНТ“ на Специјалното јавно обвинителство за уривањето на станбено-деловниот комплекс „Космос“, известува МИА.
На денешното рочиште Паческа беше испитувана од страна на одбраната на обвинетите, при што посочи дека инвеститорот, оштетениот во случајот Фијат Цаноски, ја имал целата потребна документација за проектот, но, како што забележа биле, направени повеќе пропусти при градбата на објектот.
Истакна, дека во проектната документација било наведено дека ќе се градат три подземни катови, кои ќе служат како подземни гаражи, но биле изградени само два и тоа со несоодветна големина.
На прашањето дали поставениот број на паркинг места ги задоволува потребите на комплексот, Паческа нагласи дека не биле доволно. Таа наведе дека, потоа во изменетата проектна документација при градба, е посочено дека поради пронајдени подземни води не е направен третиот подземен кат, како и дека за паркинг места ќе биде искористено приземјето.
Паческа, истакна дека уште во 2009 година, при подготвувањето на документацијата за проектот, по барање на инвеститорот е извршено испитување на земјиштето и е утврдено дека на местото нема подземни води.
– Не е вистина дека причина за измените на проектот за градба на „Космос” и подигањето на објектот за 1.43 метри, се подземни води на плацот – истакна Паческа.
Таа потенцираше дека пред да почне изградбата на објектот „ Космос“ извршени се сите геомеханички испитувања на теренот и не биле утврдени подземни води. Додаде и дека не е изготвен извештај зе мерењето и обележувањето од страна на геодетите кои ги извршиле.
Нагласи дека се забележани повеќе пропусти при градбата, истакнувајќи дека не е дозволено да се отстапува од проектот кој има дозвола за градба.
За предметот „ТНТ“ меѓу обвинетите се и поранешниот премиер Никола Груевски, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и поранешниот градоначалник на Општина Гази Баба, Тони Трајковски. Според обвинението, тие во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски.