Со сослушување на сведоците Борис Кондарко, Виолета Дума, Субхи Јакупи и Васил Крстев, судењето по предметот на СЈО „Титаник 2“ ќе продолжи на 27 август.
На денешното рочиште беа пуштени два аудио-разговора од т.н. „бомби“ во кои се слуша како поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков разговара со претседателот на ДПА Мендух Тачи и кажува дека потребно е членот на ДПА да гласа на приговорот во ДИК за избирачкото место 1727 во Струмица.
На втората снимка се слуша како Мендух Тачи му се јавува на членот на ДИК Бедредин Ибраими и му кажува да гласа за приговорот за Струмица, бидејќи така е договорено, односно ВМРО-ДПМНЕ да гласа во Чаир.
Во продолжение беше пуштена и ДВД-снимка од седница на ДИК во која членовите расправаат по приговорот на член на Општинска изборна единица во Струмица каде што на снимката се слуша дека поранешниот претседател на ДИК Борис Кондарко вели дека нема основ за поништување на гласањето на спорното избирачко место, додека, пак, членовите на ДИК од ВМРО-ДПМНЕ му посочуваат дека тоа мора да се поништи, а на крајот се слуша гласањето во кое со четири гласа „за“ и три „против“ гласањето на избирачкото место 1727 е поништено.
Обвинетиот Мендух Тачи побара транскрипт со превод на целата седница на ДИК, со што судијата Огнен Ставрев рече дека ќе се обиде да обезбеди, бидејќи на снимката се слушаат повеќе разговори одеднаш. Тачи имаше замерки и за преводот на вториот разговор помеѓу него и поранешниот член на ДИК Бедредин Ибраими, што беше објавен на албански јазик, по што судски преведувач го прочита преводот на македонски.
На претходното рочиште во воведните зборови обвинетите се изјаснија дека не се виновни и дека ќе докажат дека истите избори за кои е покренато обвинението, не се повторени и не е направена материјална штета колку што ја прикажало СЈО. Обвинетите сметаа дека Специјалното обвинителство со невистинити докази успева да направи правна конструкција, а поранешните членовите на ДИК посочија дека кревањето рака е глас и дека тоа не е одлука.
Во овој предмет на СЈО обвинети се лидерот на ДПА Мендух Тачи, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, како и поранешните членови на ДИК Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев.