На 5 октомври во Кривичниот суд во Скопје, со слушање на „бомбите“ од доказниот материјал на Специјалното јавно обвинителство продолжува судењето за предметот „Титаник” за изборни нерегуларности.
Во попладневниот дел од денешното рочиште, во дел од „бомбите“ се слушаше како поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиевски бара од неговите соговорници да најдат противкандидати на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори во 2013 година, како и тоа дека за таа услуга се бараат пари за поткупување на некој од противкандидатите.
Во еден од разговорите, Јанакиевски бара од поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска да најде начин да се убедат да гласаат луѓе кои се во домашен притвор, додека во друг разговор бара од соговорникот да се разговара со сите фирми кои добиле тендер во Општина Центар, со цел вработените да се натераат да гласаат и да донесат уште 50 гласачи.
Во Кривичниот суд при презентирањето на „бомбите“ се слушна и како Јанкуловска свесна за нерегуларностите во избирачките списоци, на соговорникот му вели дека и покрај забелешките „нема да има проблеми“, бидејќи „од ДИК претходно рекле дека се е ок“.
Еден од разговорите откри и дека на една адреса се воделе по 50 луѓе, за што Јанкуловска вели дека луѓето си ги исполните условите за да добијат лични карти, и дека „не ги засега нив кој каде, што издава“. Во еден од разговорите Јанкуловска дава насоки со зборовите „индијански работи се прават за време на молк“ за жители од општини во Западна Македонија.
Во „Титаник“ обвинети се и поранешниот премиер Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.
Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за за финансирање изборна кампања.