Судењето за Титаник на СЈО за изборните нерегуларности продолжува на 24 октомври откако на денешното рочиште во Кривичниот суд беа пуштени околу 90-ина „бомби“ и беше прекинато по барање на обвинетиот Илија Димовски да може да присуствува на седница на собраниска комисија.
Во предметот „Титаник“ предложени се повеќе од 1.000 аудио снимки во листата на материјални докази од СЈО, од кои на досегашните рочишта преслушани се повеќе од 600.
Најголем дел од „бомбите“ на денешното рочиште беа од 24 март 2013 година, за локалните избори, од кои се слуша како Миле Јанакиески се јавува по луѓе, за да се информира како оди излезноста и дали се јавуваат и работат за излезност на гласачите.
– Да ни беа преспанциве ќе завршевме работа, вели Груевски и му вели „види таму со нашиве да прават и неважечки за после да правиме записници се судиме“.
Во „Титаник“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.
Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за за финансирање изборна кампања.