Откако во два наврата му се слоши на Миле Јовановски, татко на Бојан Јовановски познат како Боки 13, судењето за случајот „Меѓународен сојуз“ е прекинато. Судијката Софче Гаврилова-Ефремова следното рочиште го закажа за четврток, кога ќе продолжи давањето на воведните зборови од страна на обвинетите.
Во судот беше повикана и Брза помош, кога првиот пат Миле Јовановски се пожали дека му е лошо. Докторите кои го прегледале му дале дијазепам и терапија за следните денови, по што судењето продолжи со воведните зборови на неговиот син, Бојан Јовановски.
По кратко време, Јовановски повторно се пожали на влошено здравје, по што рочиштето е одложено. На стартот на судењето, тој заедно со останатите четири обвинети се произнесе дека е невин и дека не ги сторил делата измама и перење пари, за што е обвинет од обвинителката Вилма Русковска.
Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција е децидно дека ќе ги докаже делата за кои ги товари обвинетите. Русковска по судењето кажа дека обезбедиле голем број на докази од вештачењето на телефонот на Бојан Јовановски, според кои, парите завршиле во куќата на неговите родители.
Според обвинението, Бојан Јовановски како претседател на Меѓународен сојуз имал намера за себе да прибави имотна корист, па користејќи документи од сојузот, оштетил управители на друштва со што ги довел во заблуда. Јовановски лажно прикажувал дека ќе обезбеди државно неизградено земјиште за изградба на Европски центар за возрасни лица и мобилен сервис, како и субвенции од државата, на оштетените преку Македонска авторска агенција му исплатиле 719.905 евра, односно 233.821 евра во денарска противвредност.
Во измамата на Бојан Јовановски, според Обвинителството, му помагале пратеничката Фросина Ременски, неговата заменичка – Јасна Мандиќ и асистентката. Мандиќ и асистентката ги изготвувале договорите, ги подигале уплатените пари и му ги давале на Јовановски. Иако знаејќи од каде потекнуваат парите, односно дека се земени со сторено кривично дело, тие со умисла му помагале и да ги пушти во промет.
Обвинителството го сомничи Миле Јовановски дека тој знаел од каде потекнуваат парите и со умисла му помогнал на својот син Бојан Јовановски да ги пушти во оптек, со што ги уплаќал парите на своја девизна сметка, а дел од нив ги уплаќал на правните лица како позајмица.