Фото: Маја Јаневска-Илиева

Огромен е проблемот на здравствените власти што произлегува како последица од користењето несоодветни препарати и лекови, при што сѐ почести се случаите во кои корисниците завршуваат затруени или, пак, со други посериозни или фатални последици

Несомнено еден од најголемите фармацевтски проблеми на денешницата е препродавањето разни лекови, седативи и препарати што се копија на оригиналите. Тие се со лош квалитет што може да влијае негативно на здравјето на оние што би ги користеле.
Во последнава година кога коронавирусот го запоседна целиот свет, криминалните организации уште повеќе ја искористија целата ситуација за нелегално да заработат, создавајќи и креирајќи лажни лекови, седативи и други препарати.
Сепак, овој проблем не постои само со започнувањето на коронавирусот. Напротив, овие нелегални бизниси веќе со години функционираат низ светот, а од нив не изостана ниту земјава. Огромен е проблемот на здравствените власти што произлегува како последица од користењето несоодветни препарати и лекови, при што сѐ почести се случаите во кои корисниците завршуваат отруени или, пак, со други посериозни последици.

ЗАПЛЕНЕТИ ПОВЕЌЕ ОД ДЕВЕТ МИЛИОНИ ФАЛСИФИКУВАНИ ТАБЛЕТИ ЗА СМИРУВАЊЕ

Европол и на крајот на минатиот месец успешно заплени повеќе од девет милиони фалсификувани таблети за смирување, како резултат на заедничката акција меѓу унгарската национална полиција и норвешката полиција, со поддршка на Европравда.
Двајцата водачи на оваа криминална мрежа биле уапсени во Унгарија, заедно со тројца нивни соучесници, откако полицијата извршила претрес во објекти и домови на 24 и 25 март.
Криминалците произведувале фалсификувани таблети „клоназепам“ во подземна лабораторија. Околу 250 килограми и 300 литри разни супстанции од кои се произведувал лекот биле пронајдени на самото место.
„Клоназепам“ е пропишан за низа здравствени проблеми, вклучувајќи панични нарушувања и напади.
Фалсификуваните апчиња произведени од оваа криминална мрежа биле направени да изгледаат идентично како легитимни лекови, но не успеале да ги исполнат барањата за квалитет на нивните фармацевтски колеги.
Фалсификуваните апчиња се продавале низ цела Европа, а Норвешка била една од главните дестинации.

ЗАСЕГА ВО ЗЕМЈАВА НЕМА ЕВИДЕНТИРАНИ СЛУЧАИ

За среќа, во земјава не се случил поголем инцидент со фалсификувани лекови, иако на социјалните мрежи често може да се забележи продажба и промоција на разни лекови за смирување, за женски проблеми, за кожа и кожни болести.
За тоа дали се евидентирани воопшто случаи со фалсификувани лекови, од Министерството за внатрешни работи ни одговорија дека Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика постапува по кривични дела од областа на компјутерскиот криминал и досега нема добиено пријава во врска со измама при продажба на лекови и креми на социјалните мрежи.
– Во Кривичниот законик на Македонија постои член 157 „Повреда на авторско право и сродни права“, кој регулира злоупотреба при неовластено користење на туѓо авторско право – велат од МВР.

ФАЛСИФИКУВАНИ ЛЕКОВИ НАСЕКАДЕ НИЗ СВЕТОТ

Меѓународната трговија со фалсификувани производи претставува до 2,5 проценти од светската трговија или дури 338 милијарди евра, според податоците од 2013 година. Колку за споредба, овој износ е еднаков на БДП на Австрија, или комбинирано БДП на Ирска и на Чешка.
Влијанието на фалсификувањето е особено големо во Европската Унија, каде што фалсификувани и пиратски производи сочинуваат до пет проценти од увозот, или дури 85 милијарди евра.
Прекршувањата на правата на интелектуална сопственост ги намалуваат приходите на сопствениците на оригиналите.
Фалсификуваните лекови се произведуваат без никакви здравствени и безбедносни стандарди и можат да бидат опасни за потрошувачите.
Производителите на овие лекови најчесто ги користат заработените средства за финансирање други нелегални активности.
Во Демократска Република Конго од декември 2014 до август 2015 година, биле хоспитализирани повеќе од илјада лица со чудни симптоми поради кои докторите се сомневале дека станува збор за менингитис. Сепак, по направени анализи се констатирало дека станува збор за фалсификуван лек за смирување – дијазепам. Африка е една од земјите со најголем проблем што се однесува до фалсификуваните лекови, но сепак тоа не значи дека вакви лекови не можат да се најдат во другите делови од светот.

[email protected]