Крајно спорна е одлуката на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, од притвор во затворот во Шуто Оризари преку судот до СЈО да дава полномоштва на обвинители за спас на истрагите и обвиненијата, оценуваат правници.
Причина за тоа е фактот што Јанева е осомничена и во оваа фаза секоја нејзина одлука би билa со оспорен легитимитет.
Натали Петровска од коалицијата „Сите за правично судење“ потсетува дека во Законот за Јавното обвинителтво, т.е. во членот 60 пишува дека јавниот обвинител се оддалечува од вршењето на функцијата додека се наоѓа во притвор.
Единствен начин да се осигури иднина на истрагите и предметите на СЈО е да се донесе новиот закон за Јавното обвинителство, тврдат правниците.
Јанева од затворот во Шуто Оризари дала наредба сите истраги и предистражни постапки во рок од три дена да бидат префрлени во Јавното обвинителство.
Во текот на вчерашниот ден до ова Јавно обвинителство од страна на Основниот кривичен суд Скопје доставено е полномоштво, кое Катица Јанева преку КПУ „Затвор Скопје“ го доставува до ова Јавно обвинителство. Со полномоштвото Јанева ги овластува обвинителите во ова јавно обвинителство да ги предадат на Јавното обвинителство предметите што се водат во ова јавно обвинителство, и тоа: кривичните предмети во судење, во истрага и во предистрага.
Стефанова не знае ништо за наредбата на Јанева
Обвинителите Лиле Стефанова и Артан Ајро, по денешното рочиште за предметот „Титаник“, не одговорија на прашањето дали и што се разговарало на колегиумот на СЈО за писмото на Катица Јанева, која преку судот до нив испратила барање сите истраги и обвиненија во рок од три дена да му бидат предадени на Јавното обвинителство.
– Не знам, бев на судење, не го знам тоа писмо. Кога ќе го прочитам, ќе ви кажам – рече кусо Стефанова по што замина во службеното возило.
Од СЈО претходно потврдија дека Јанева од затворот во Шуто Оризари дала наредба сите истраги и предистражни постапки во рок од три дена да бидат префрлени во Јавното обвинителство.
За наредбата на Јанева треба да биде донесена одлука на колегиумот на СЈО. Инаку, во СЈО без поднесено обвинение останаа десетици истраги.