Сашо Мијалков цело време бил во Скопје, кажа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во гостувањето во „Утрински брифинг“, додавајќи дека моментно се води целосна истрага за случајот со поранешниот директор на УБК, кој е во домашен притвор откако вчера се појави по дводневно отсуство.
Министерот за внатрешни работи нагласи и дека никој не преговара за ништо со Мијалков, ниту пак преговарал со него за тој да се предаде.
Спасовски додаде дека е назначен јавен обвинител кој директно ќе раководи со овој случај, како и дека МВР досега соработувал со дежурните обвинители од ОЈО.
Мијалков вчера сам се пријави во Обвинителството каде што му беше врачено решението за домашен притвор. Тој изјави дека бил болен, тврдејќи дека не знаел што се случува и се извини за непријатностите што ги предизвикал. Откако надлежните служби не можеа да го пронајдат изминатиот викенд, за него беше распишана домашна и меѓународна потерница.
Мијалков е обвинет за незаконското прислушување на илјадници граѓани во случајот „Таргет-Тврдина“, за кој пресудата треба да биде соопштена в петок.