Од денеска, па сè до 27 јануари во Основниот кривичен суд во Скопје секој ден се закажани рочишта за предметот „ТНТ“, кој е во завршна фаза. До донесување на пресуда, треба да заврши распитот на петмина од обвинетите.
Првично, првото рочиште во 2020 за случајот кој се однесува на уривањето на комплексот „Космос“ беше закажано за 17 јануари. На 31 декември, преку соопштение од судот информираа дека се закажани нови рочишта, секој ден од 13 до 16 јануари. Потоа расправата продолжува на веќе закажаниот термин на 17 јануари во 10 часот, како и во период од 20 до 27 јануари секој ден во 10 часот.
Адвокатот на една од обвинетите во ТНТ, Мерџан Дауити вчера преку писмо го прозива Судскиот совет да не молчи.„Во текот на утрешниот ден охрабрете се, не потклекнувајте на никакви притисоци, закани, уцени или ветувања. Донесете законита одлука во интерес на владеењето на правото. Молкот е најлоша опција. Премолчувањето на незаконските постапки и вас директно ве прави сооучесници во истите. Донесете било каква одлука, но не молчете! Не секогаш молчењето е злато, во овој случај молчењето е одобрување на незаконско работење“, пишува Даути во писмото.
Судењето е во сенка на преписките и обвинувањата околу мандатот на една од поротничките. Адвокатите на обвинетите на неколку рочишта за случајот „ТНТ” укажуваа на судечкиот совет дека мандатот на поротничката Лилјана Ивановска Кочовска е завршен на 24 декември 2019 и дека според Законот за кривична постапка, доколку дојде до каква било промена на составот на судечкиот совет, судската постапка мора да започне од почеток.
Во предметот „ТНТ” обвинети се поранешниот министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски, вработени во Општина Гази Баба, како и поранешен премиер Никола Груевски, кој е во бегство во Унгарија.