Поради интензивирање на пожарот кој од вчера избувна во велешкото село Каласлари, Дирекцијата за заштита и спасување и денеска е активна и интервенира со два авиона.
Од ДЗС информираат дека досега се извршени шест интервенции и се исфрлени 30 тони вода.
Станува збор за пожар од поголеми размери при што е зафатена шума црн бор. Пожарот денеска е локализиран и изгасната е површина од 60 хектари.
Од ДЗС потенцираат дека, ова е навистина ран период за справување со пожари, знаејќи го фактот дека допрва следува летото, кога пожарите избувнуваат најчесто поради топлото време.
– Околу 90 отсто од пожарите во Скопје се предизвикани од човечки фактор. Има дел несовесни граѓани што палат стрништа и трева, но работата може да излезе надвор од контрола, особено кога има ветровито време. Организирани групи, смислено ги опожаруваат шумите и ливадите за да дојдат до евтино огревно дрво, кое подоцна двојно поскапо го продаваат, или пак за да дојдат до нови пасишта за својот добиток- се наведува во соопштението од ДЗС.
Потенцираат дека покрај одговорноста на инспекциските и земските служби, одговорно треба да се однесуваат и граѓаните, бидејќи, како што се наведува во соопштението од ДЗС, покрај опасноста од човечки жртви, постои опасност за уништување и на животната средина која е важна за секој еден поединец.