Со превентивни активности, како составен дел на редовното полициско работење, кое се заснова на партнерство помеѓу полицијата, локалната самоуправа и граѓаните, почнуваат превентивните активности со учениците што посетуваат настава од прво, второ и трето одделение. Со едукативна работилница од областа на безбедноста во сообраќајот и посета на сообраќајница ќе се презентира правилно и безбедно минување улица, со почитување на сообраќајната сигнализација и правилата во сообраќајот, информираа од Министерството за внатрешни работи
МОЌТА НА ПРЕВЕНТИВНИТЕ ЗАФАТИ НА ПОЛИЦИЈАТА ВО ФУНКЦИЈА НА ГРАЃАНИТЕ И БЕЗБЕДНОСТА
Сообраќајната култура и едукација се учат уште од најмала возраст. Поговорката „на децата останува иднината“ можеби најдобро ја опишува значајноста на едукацијата во однос на однесувањето во сообраќајот, бидејќи многу е важно децата од најмала возраст да знаат како треба, а како никако не треба да се однесуваат кога се дел од сообраќајот.
За жал, сообраќајната култура во земјава не е некоја особина со која можеме да се пофалиме. Освен што нѐ краси карактеристика како нервозни возачи, кои немаат голем праг на толеранција, најчесто не ги почитуваме сообраќајните правила, поради што, пак, се соочуваме со голем број сообраќајни незгоди, прегазени пешаци и велосипедисти.
Ништо подобро не е ниту нашето однесување како пешаци, бидејќи доста е голема и бројката на оние пешаци што претрчуваат улици на необележени и крајно небезбедни места, а не е за занемарување ниту бројот на оние што го прават тоа со мали деца, со што директно ги учат спротивно на она како навистина е потребно во реалноста.
Токму затоа, сообраќајната култура е област што треба да се изучува уште од најрана возраст, за децата точно да ги знаат барем основните правила и да се свесни дека со нивното почитување го заштитиле својот, но и туѓите животи.
ЕДУКАЦИЈА ВО УЧИЛИШТАТА
Неодамна од Општина Центар почна да се спроведува едукација на најмладите учесници во сообраќајот.
Одделението за превенција при Секторот за внатрешни работи во Скопје, во основното училиште „Киро Глигоров“ ја почна кампањата под работен наслов „Остани безбеден“.
– Со превентивни активности, како составен дел на редовното полициско работење, кое се заснова на партнерство помеѓу полицијата, локалната самоуправа и граѓаните, почнуваат превентивните активности со учениците што посетуваат настава од прво, второ и трето одделение. Со едукативна работилница од областа на безбедноста во сообраќајот и посета на сообраќајница ќе се презентира правилно и безбедно минување на улица, со почитување на сообраќајната сигнализација и правилата во сообраќајот – информираа од Министерството за внатрешни работи.
Оттаму додаваат дека кампањата е во соработка со Општина Центар и Mисијата на ОБСЕ со седиште во Скопје.
– Целта на ваквите активности е едукација и зголемување на безбедноста на најмладите учесници во сообраќајот, како и подобрување на културата на однесување во сообраќајот.
ЧЕСТИ АКТИВНОСТИ И КАМПАЊИ
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата постојано реализира голем број акции и кампањи за заштита и едукација на најмладите учесници во сообраќајот.
Оттаму на својата интернет-страница информираат дека родителите се огледало на децата и дека тие со својот пример им покажуваат како треба и како не треба да се однесуваат.
– Родителите се огледало на кое децата секојдневно се огледуваат. Личниот пример што родителите им го даваат на децата во сообраќајот треба да биде безусловно и целосно почитување на правилата и прописите во сообраќајот и на тој начин, всушност, континуирано да ги наведуваат децата да бидат безбедни и одговорни во сообраќајот – информираат од РСБСП.
Понатаму тие информираат дека децата се одговорност на возачите и на нивното однесување во сообраќајот.
– Бидете внимателни, внимавајте на децата во сообраќајот и намалете ја брзината во близината на училишта и градинки. Внимавајте каде паркирате, затоа што неправилно паркираните возила ги прават децата невидливи во сообраќајот. Не заборавајте дека безбедноста на децата во сообраќајот е одговорност на возрасните – наведено е на интернет-страницата.
Тие истакнуваат дека однесувањето на децата во сообраќајот честопати е непредвидливо. Тоа значи дека не е можно да се знае што точно ќе направат и како ќе се однесуваат кога ќе се соочат со одредена сообраќајна ситуација. Децата обично се плашливи и несигурни доколку се најдат во близина на возило што се движи кон нив. Во истиот момент реакцијата може да им е забавена и да се „закопаат“ во место. Ова ја прави ситуацијата уште полоша. Од друга страна, пак, децата се премали во однос на големината од возилата и со тоа им отежнуваат на возачите да ги видат. Дури и една празна улица може да претставува потенцијална опасност, а тие да не се свесни за тоа или да не знаат кои мерки на претпазливост треба да ги преземат.
– Од друга страна, возачите на моторни возила, мотоцикли и скутери ја злоупотребуваат максимално дозволената брзина во населено место, во близина на училишта и во близина на градинки, а со тоа го загрозуваат животот на децата. Според статистиките и следејќи ги секојдневните случувања, може да се дојде до едноставен заклучок дека најголемиот број сообраќајни незгоди во кои се вклучени деца се случени токму од возачи што не ја приспособиле својата брзина во близина на раскрсница или обележан пешачки премин – информираат оттаму.