Жителите на главниот град уживаат во брзото возење низ градските булевари и улици, а тоа може да се види од досега објавените податоци на Министерството за внатрешни работи за бројот на санкционирани возачи. Во периодот од неполни две недели, речиси две илјади возачи во Скопје биле санкционирани поради возење со брзина над законски дозволената
ПОРАЗИТЕЛНИ РЕЗУЛТАТИ ОД ЗАСИЛЕНИТЕ КОНТРОЛИ НА СООБРАЌАЈНАТА ПОЛИЦИЈА
Откако Министерството за внатрешни работи, односно сообраќајната полиција, од 14 септември започна со засилени акциски контроли за санкционирање на непочитувањето на сообраќајните правила и прописи во Скопје, но и на територијата на целата држава, може да се заклучи дека скопјани се дефинитивно најголемите прекршители на сообраќајните правила и прописи.
Повеќе од пет илјади жители на главниот град изминатите две недели заработиле некаква санкција од страна на сообраќајната полиција, или поточно на 6.048 скопјани полицијата им изрекла казни за сообраќајни прекршоци.
Жителите на главниот град уживаат во брзото возење, а тоа може да се види од досега објавените податоци на Министерството за внатрешни работи за бројот на санкционирани возачи. Речиси две илјади возачи во Скопје биле санкционирани поради возење со брзина над законски дозволената, односно 2.049 лица заработиле казна од полицијата поради пречекорена брзина.
И возењето без возачка дозвола се чини дека е голем предизвик за жителите на главниот град, па, така, досега се санкционирани 339 лица што учествувале во сообраќајот без возачка дозвола, додека, пак, 312 лица во сообраќајот управувале технички неисправни или нерегистрирани возила.
И покрај многубројните паркинзи направени во Скопје, никако да почнат да се почитуваат законските прописи со кои возачите конечно нема да ги оставаат своите возила на недозволените места. Поради таквото однесување, пајак-службата во изминатите четиринаесет дена подигнала дури 803 возила, а полицијата за непрописно паркирање санкционирала 617 возачи.
Во контролите на сообраќајната полиција не беа изоставени ниту мотоциклистите и пешаците. Па, така, повеќе мотоцикли беа одземени од страна на полицијата, а досега се санкционирани 489 возачи на мотоцикли.
Една од најранливите категории во сообраќајот во земјава се токму пешаците. Сепак, честопати и тие се една од главните причини поради кои се случуваат сообраќајни незгоди со фатални исходи. Во изминатите две недели, 45 пешаци заработија казни поради несоодветно и непрописно движење во сообраќајот.
И граѓаните што не ја почитувале мерката за задолжително носење заштитна маска во возилата биле санкционирани во изминатите дена. Како последица на неносењето маска на носот и устата биле санкционирани 970 лица.
Секторот за внатрешни работи – Штип, во изминатиот период, колку што се спроведуваат засилените контроли на сообраќајот низ земјава, санкционираше вкупно 211 учесници во сообраќајот, а и полицијата во Тетово и во Гостивар имаше полни раце работа. Само во СВР-Тетово се санкционирани 154 возачи, 121 возач од Тетово и 33 од Гостивар се санкционирани поради пречекорување на брзината, во и надвор од населено место.
Гостиварската полиција, пак, санкционираше 101 граѓанин. Во оваа бројка спаѓаат и десет санкции што гостиварци ги заработиле како резултат на непочитувањето на мерката за носење заштитна маска, како заштита од актуелната епидемија предизвикана од коронавирусот.
Според досегашните податоци објавени од страна на МВР, само во Прилеп се казнети четири лица затоа што возеле под дејство на алкохол. Тука бројката на санкционирани изнесува 123 учесници во сообраќајот, меѓу нив се и 21 мотоциклист. И мотоциклистите од Велес беа опфатени со оваа акција од страна на полицијата. Па, така, 27 возачи на мотоцикли неодамна беа санкционирани од страна на полициските службеници.
Кумановската полиција во текот на завчерашниот ден санкционираше 172 лица. Со измината важност на сообраќајната дозвола возеле 28 лица и исто толку управувале возило без возачка дозвола. Санкционирани се 26 мотоциклисти, а 17 лица биле санкционирани поради неносење заштитна маска.
На самиот почеток на оваа акција, портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, нагласи дека ќе се санкционираат сите сообраќајни прекршоци, а особено оние што се најчеста причина за сообраќајќи со тешки и фатални последици.
– Се санкционираат сите сообраќајни прекршоци, а особено оние што се најчеста причина за сообраќајни незгоди со тешки последици, како што се управувањето возило под дејство на алкохол, возење со брзина над дозволената, недавањето првенство на минување на возила и пешаци и слично.
Во урбаните средини, поради обезбедување поголема проточност на сообраќајот, ќе има засиленото присуство на сообраќајната полиција и на пајак-возилата. Исто така, најригорозно ќе бидат санкционирани возачите на мотори што возат спротивно на прописите и ги вознемируваат граѓаните во доцните вечерни часови – рече Ангеловски.
Портпаролот на МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, не за да го избегнат плаќањето на казните туку, пред сѐ, за да се зголеми безбедноста во сообраќајот.