Активен пожарот на Галичица
Пожарот во Националниот парк „Галичица“ од Преспанска страна уште е активен, но ставен е под контрола. Поради непристапност на теренот Територијалната против пожарна единица – Ресен не може да интервенира, но екипи на Националниот парк, Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи се на терен со заштитен појас го спречиле ширење на огнот.
Градоначалникот на Општина Ресен Живко Гошаревски состојбата на терен денеска ја оцени како постабилна.
– Во Националниот парк „Галичица“ со заштитниот појас пожарот е ограничен и нема поголемо проширување. Поради ветерот не можеме да кажеме каква ќе биде состојбата за два – три часа. Доколку има потреба ќе се активираат авионите за гасење пожар на Дирекцијата за заштита и спасување – посочи Гошаревски.
Командирот на ТППЕ Ресен Ристе Илиевски информира дека нивни екипи со три возила и шест пожарникари интервенираат на пожарот кај Прељубје.
– Дежурните екипи на ДЗС, ЦУК и НП „Галичица“ направија појас околу викенд населбата Сирхан. Наши екипи моментално се на терен интервенираат на пожарот кај Прељубје, но и таму поради трски и блато теренот е непристапен. Временските услови и ветерот кој дува во Преспанскиот регион, го попречува гаснењето,односно придонесува за ширење на пламените јазици – изјави Илиевски за МИА.
Пожарот што вчера го зафати Националниот парк „Галичица“ почна од трските покрај преспанскиот брег, но поради ветерот префрлил од другата страна на патот и зафати голем дел од шумата. Според проценките, до синоќа беа зафатени над 300 хектари шума.
Голем пожар во Македонска Каменица
Голем пожар ја зафати и Македонска Каменица. Дирекцијата за заштита и спасување и денес ангажираше свои воздухоплови од Одделението за специјализирани услуги и со тоа го локализираше и стави под контрола и овој пожар. Со тоа потребата за евакуација на населението е надмината, бидејќи постоеше опасност пламени јазици да зафатат и дел од куќите во околината.
Во моментов, Единиците на локалната самоуправа ја држат ситуацијата стабилна и под контрола, а, Дирекцијата за заштита и спасување 24 часа на ден ја следи ситуацијата во целава земја, и со своите човечки и материјално-технички ресурси, активна е на терен онаму каде што има потреба од неа.
ожари во кумановско Живиње и во липковско
Два пожара се активни на подрачјето во поширокиот кумановски регион, во село Живиње и над Никуштак, информираат надлежните од Територијалната противпожарна единица и од кумановската подружница на „Македонски Шуми“.
Во Живиње, на границата со светиниколско гори нискостеблеста шума, но поради ветерот постои опасност да се прошири и да зафати висока дабова шума.
Пожарот во кумановското село Живиње почнал вчера и на терен биле екипи од претпријатието и две екипи на кумановската противпожарна единица. Командирот на ТППЕ Куманово, Дејан Илиевски информираше дека вчера две екипи интервенирале на пожарот, а утрово е испратена нова екипа на пожаринкари.
– И утрово е активен пожарот, го гасеа наши екипи и противпожарната единица и денеска ќе побараме помош од пожарникарите – изјави, директорот на кумановската подружница, Луан Бајрами.
Сѐ уште гори нискостеблеста дабова шума во липковско, над село Никуштак во месноста „Баре“. Екипите на шумско стопнаство до тринаесет вработени и со помош на дванесет мештани го гаселе пожарот. Вчера, со осум налети со авион се обидувале и надлежните да го изгасат овој пожар.
Авионско гаснење на пожарот кај Саса, ситуацијата е стабилна
Пожарот во село Саса сѐ уште е активен, но ставен е под контрола. Акцијата, како што информира Малин Трајчевски, командир на ТППЕ од Македонска Каменица од утрово е поддржана и со авионско гасење.
– Спасени се домовите на жителите од село Саса. Жителите од маало Аџии повторно се во своите куќи кои во синоќешната акција ТППЕ од Македонска Каменица и регионот, екипи на Национални шуми, Шумска полиција со поддршка на ЈП Камена Река успеаја да ги спасат од огнената стихија – изјави Трајчевски.
Екипите остануваат на терен до целосно гаснење на пожарот, чие гасење е отежнато од силниот ветер и непристапниот терен.
Синоќа околу 23 часот започна акција за евакуација на населението кои живеат во близина на маалата Траканица и Аџиите. Според информации од самиот терен, во страшната огнена стихија селаните земале што може спаси и бегале од местото на пожарот.
Во гаснењето биле ангажирани голем број на човечки и технички ресурси како од Македонска Каменица така и соседните градови. Пожарникари кои се вратиле од гаснење на пожарот во 4 часот наутро велат дека состојбата се нормализирала со тоа што огнот се смирил.
Според нив, се поизвесно е дека најверојатно денеска ќе биде потребна интервенција од авионско гаснење. Во локализирањето на пожарот учествуваат екипи на ТППЕ од Македонска Каменица и регионот, екипи на „Национални шуми“ и Шумска полиција, а на терен се наоѓаат и вработени во граничната полиција. Неминовна ќе биде сеопфатна акција, која поради мракот синоќа не беше возможна.
Во Делчевско, пак, доцна попладне вчера настанал пожар кај месноста Средна во близина на село Разловци. Таму во гаснењето на пожарот се вклучени екипи на ТППЕ од Делчево и Шумско стопанство.
За страшен пожар јавуваат и пожарникари од резервниот состав кои се вклучени во акцијата за гаснење во близина на село Владимирово. Поради ваквите појави, кои се присутни речиси цел месец, заседаваа и кризните штабови каде сѐ повеќе се потенцира човечкиот фактор како главен предизвикувач на пожарите.
Две куќи дабова шума изгореле во пожар во близина на Октиси
Две куќи и дабова шума изгореле во пожар во близина на Струшкото село Октиси, соопшти денеска СВР Охрид.
Според соопштението, вчера околу 14 часот во месноста „Степаница“ атар на селото Октиси во пожар изгорела поголема површина дабова шума и две куќи, сопственост на Б.А. и Ф.Д., жители на селото.
Пожарот бил локализиран од Територијалната противпожарна единица од Струга.